Наместо Општина Куманово, ,,Екстра меин” ја плати новата обработка на ,,Некст Тајм”

by fokus

Компанијата ,,Екстра меин” ги покри трошоците за новиот проект на дуото ,,Некст Тајм” околу обработката на песната ,,Јовка кумановка” за која се сними и видео спот.

Првично, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски најави дека градот имал планирани буџетски средства за новата обработка на дуото, која беше промовирана на 11-ти октомври, во големата сала на Центарот за култура, по повод празникот, а во чест на 500- годишнината од постоењето на градот.

Сепак, во меѓувреме од компанијата ,,Екстра меин” решиле да инвестираат во проектот заради афирмација и зачувување на македонските традиционални културни вредности и очекувале дека оваа песна во иднина ќе стане химна на градот, без која нема да помине ни еден културен настан или прослава.

Аранжманот за новата верзија на старата македонска песна ,,Јовка кумановка” е на Николче Мицевски, во режија на Огнен Шапковски.

Дуото ,,Некст Тајм” кое пред десеттина години се прослави со авторските рок песни, веќе неколку години наназад е актуелно со обработките на старите народни песни.

Започнаа со ,,Ја излези Ѓурѓо”, а потоа следуваа и ,,Слушам кај шумат шумите” и ,,Нешто ќе те питам бабо”.
За сите обработки снимија високобуџетни видео спотови во соработка со ,,Мелем продукција”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости