Поп пејачката Елена Ристеска (39) беше специјална музичка гостинка на Саемот на венчаници во Скопје, кој се одржа за време на викендот. Пред публиката таа настапи облечена во бело одело со црни ревери и црни копчиња.
Инаку, на саемот, традиционално, познати личности дефилираат на модната писта облечени во невестински фустани, а пак Ристеска уште на почеток имала замисла да се појави облечена во бело одело, наместо во венчаница.
-Кога зборувавме со Ефтим, организаторот на Саемот за венчавки за мојот настап на саемот, му кажав дека имам замисла да облечам бело одело, наместо невестински фустан. Тој веднаш кажа: @fokabo.sartoria! Не очекував дека со Фокабо ќе биде едно од најубавите искуства досега.
Околу професионалноста нема да зборувам, повеќе од 30 години да опстоиш на наш пазар и на други пазари е богатство. Ќе зборувам за пристапот и скромноста на сопственикот Борис и неговиот син Огнен кон мене и мојот тим, воедно и убавата енергија на кројачите од Фокабо. Кога зборувам за нив, зборувам за кроткост, позитивност, принципиелност и елан за соработка, истакна Ристеска.
Кога се венчаниците во прашање пак, јавноста се сеќава на нејзиниот невестински стајлинг од 2012 година, кога правеше свадба во познат скопски хотел. Беше облечена во долга бела раскошна венчаница со долг вел, а медиумите беа преплавени со фотографии од настанот. Бракот не траеше долго, а Ристеска и по разводот остана посветена на кариерата.
Пред околу пет години пак, лансираше своја козметичка колекција. Пејачката е присутна на сцената речиси две децении. И стана позната на јавноста откако се појави во музичкото шоу ,,Плеј-Потрага по ѕвезди”, а во 2006 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Грција.
Со песната ,,Нинанајна” таа го освои 12-то место, што е втор најдобар пласман на земјата, по успехот на Тамара Тодевска која во 2019 година го освои седмото место со песната ,,Proud”.
Вики Клинчарова