Наместо најавеното откажување од Евровизија, шефицата на делегацијата бара поголем буџет и поголем тим!

by fokus

По случката со фрлањето на македонското знаме за време на Евровизија 2022 во Италија, од страна на претставничката Андреа Коевска, и најавените дисциплински мерки против членовите на нашата Евровизиска делегација од страна на МРТ веднаш по враќањето од манифестацијата во мај, не само што нема разрешница на случајот, туку шефицата Мери Попова бара поголем буџет за Евровизија 2023.

Најавите на МРТ дека се разгледува можност Македонија повеќе да не учествува на настанот, кој редовно минува со незадоволство на пошироката јавност или пак некаков скандал, очигледно паѓаат во вода, бидејќи Попова на седницата на Програмскиот совет која се одржала минатиот месец, а записникот сега е објавен на страницата на МРТ, не спомнува повлекување, туку бара зголемен буџет и повеќе луѓе во тимот.

Со цел поуспешно претставување на Македонија на Евровизија, шефицата на Евровизиската делегација доставила извештај до Програмскиот совет, со заклучок дека МРТ веднаш треба да пристапи кон решавање и носење на следните решенија:

-Уште од месец септември да се формира тим за реализација на проектот Евровизија, во освежен и проширен состав,
-Навремен, стабилен и по можност зголемен буџет,
-Човечки ресурси, бидејќи сегашниот тим бил мал,
-Маркетинг и продажба, како и ПР служба, која ќе работи во насока на подобрување на имиџот на проектот и на МРТ.

Седницата се одржала онлајн, преку Скајп, а на крај заклучокот бил дека Програмскиот сервис на МРТ ќе го разгледа извештајот на Попова, а менаџментот на МРТ да изготви своја анализа за Евровизија, со информации како планира да ги реализира заклучоците од извештајот на Попова, да информира за приходите од маркетинг за оваа година и претходните три години преку продажба на маркетинг блокови за Евровизија, но и да информира дали се преземени дисциплински мерки по членовите на Евровизиската делегација, по скандалот кој се случи во Торино.

Како потсетување, Македонија за прв пат учествуваше на Евровизија во 1998 година. Од вкупно 19 учества на манифестацијата, најдобриот пласман го имаше во 2019 година со Тамара Тодевска, која освои седмо место.

Вики Клинчарова

Поврзани новости