Наместо на прес конференција, Јелена Розга ги покани македонските новинари на опуштено дружење!

by Fokus

Популарната хрватска поп пејачка Јелена Розга доаѓа во Скопје да го промовира својот концерт кој ќе се одржи во Антички театар Охрид на 29-ти јули. Но, како што соопштуваат од организацијата на настанот, по нејзина желба, средбата со македонските новинари не била замислена како класична прес конференција, туку како опуштено дружење.

Оваа дружба ќе се случи задутре (четврток) во познат хотел во центарот на Скопје, а Розга подготвувала изненадување за новинарите кои ќе дојделе.

– По желба на Јелена средбата не е замислена како класична прес-конференција, туку опуштено дружење за кое таа подготвува специјално изненадување. Затоа со себе понесете само добро расположение и, секако, доколку сакате изјава, интервју и слично, таа стои на располагање.

Јелена Розга во Скопје доаѓа да ја најави незаборавната музичка ноќ закажана на 29-ти јули, а под светлината на ѕвездите и во магичниот амбиент на охридскиот Антички театар.

Концертот во придружба на гудачки оркестар е спектакл што не смее да се пропушти, магична вечер исполнета со нејзините емотивни балади, моќни хитови и беспрекорен сценски настап каков што само Јелена умее да понуди, истакнуваат од организацијата на концертот.

За истиот влезниците се пуштени во продажба по цени од 1.500 до 2.200 денари.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости