Наместо мораториум, во Охридскиот регион на големо се гради и легализира!

Рокот измина, препораките на УНЕСКО неспроведени

by fokus

Во септември УНЕСКО ќе одлучи дали Охридскиот регион ќе биде прогласен за светско наследство во опасност. Рокот за спроведување на препораките истече, а во Охрид продолжува бесправната урбанизација. Со изигрување на Законот за легализација се легализираат и нови градби во Националниот парк Галичица.

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Рокот од две години кој УНЕСКО и го даде на Македонија за да ги спроведе препораките за зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот регион, односно да не биде преместен на Листата на светско наследство во опасност истече. Главните проблеми кои Македонија требаше, а се уште ги нема решено вклучуваат бесправно градење, односно неконтролирана урбанизација, депонии, сечење на трската, прекумерен риболов и несоодветен третман на отпадните води.

Од 19-те препораки на УНЕСКО во целост и суштински се исполнети само две: откажување од изградба на експресниот пат кон Свети Наум и откажување од изградба на ски центарот на Галичица.

Еден од главните проблеми за кој ниту една власт нема храброст да го реши е мораториумот за градба на кој УНЕСКО инсистира. Во Охрид продолжува да се гради на крајбрежјето, најчесто без дозвола за градење.

АКО ИМАШ ВРСКИ, ГРАДИ

Жителите на Охрид со кои разговаравме велат дека бесправното градење продолжува и покрај препораките од УНЕСКО, но со намален интензитет. Како главен проблем ја детектираат изградбата на хотелот во Лагадин.

-Не се гради веќе како порано, но сега е актуелен хотелот во Лагадин. Градот забранува, но тие си продолжуваат со градење, велат жителите.

Коментираат дека државата им дозволува да градат иако не ги исполнуваат законските услови за тоа. Велат: ако имаш човек во власта, градежна дозвола ќе извадиш пропратно.

Ања Јованова од Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“ објаснува дека за дел од препораките од УНЕСКО се спроведени активности кои се прикажани како нивно имплементирање, но кога ќе се навлезе во сржта на активноста, резултатот е неспроведување на препораката. Како пример за ова ја посочува токму препораката за мораториум за градби.

Општините (Охрид, Струга и Дебарца) во 2019 година донесоа т.н. Одлуки за мораториум (забрана за градби), но во истите има толку голем број исклучоци на кои забраната не се однесува, што во реалноста не направија никаква разлика. Во Извештајот од 2020 година експертите од Реактивната мониторинг мисија истакнаа дека ваквите одлуки не може да се сметаат за исполнување на оваа Препорака и препорачаа итно да се донесат нови одлуки кои ќе наметнат забрана за било какви градежни активности, освен за санација на колекторот и слични неопходни активности.

Наместо тоа, во декември 2022 година, Општина Охрид донесе Одлука за начинот на спроведување на урбанистичките планови (т.н. Одлука за мораториум) која ги содржи истите исклучоци како и во Одлуката за која УНЕСКО во 2020 посочи дека не може да се смета за исполнување на Препораката бр. 6 од 2017. Истовремено, во реалноста, во периодот август 2021-октомври 2022 општините спроведоа процедури за над 50 урбанистички планови.

-Со други зборови, наместо да почне да се справува со една од најголемите закани за вредностите – урбанизацијата на светското наследство, нашата држава ја интензивираше истата, целосно игнорирајќи го фактот дека мисијата во 2020 година алармира дека понатамошна трансформација води до точка на неповрат, вели Јованова.

Како друг пример за неспроведување на прапораките, невладините организации ја наведуваат Препораката бр. 9 – Справување со дивоградбите. Не само што не е стопирана легализацијата на дивоградбите (итната мерка која ја побара мисијата во 2017), туку Владата го продолжи Законот за легализација на дивоградбите, а општина Охрид легализира повеќе од 400 дивоградби само во периодот август 2021-октомври 2022 (дел од периодот од дополнителни 2 години кој го добивме за да ги спроведеме препораките, наместо да се впише Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност).

НЕМА РЕГИСТАР НА ДИВОГРАДБИ

Понатаму, не е изготвен Регистар на дивоградби во регионот, па следствено на тоа не се спроведени ниту бараните проценки на влијание врз животната средина и културното наследство, ниту пак е пристапено кон нивно отстранување (напротив, засилена е нивната легализација). Не се отстранети дури ни оние за кои е донесено Решение за отстранување пред повеќе години, во некои случаи и пред повеќе од една деценија. Речиси да нема седница на Општина Охрид на која не се разгледува легализација на најмалку десетина предмети.

Нас особено не загрижува ставот (и намерата) проблемот со дивоградбите да се реши со усвојување на нови урбанистички планови во кои ќе се вклопат бесправните објекти (и со тоа веќе нема да бидат бесправни). Ваквото постапување не само што е спротивно на Препораката на УНЕСКО, туку е и прекршување на последната Одлука на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција кој порача запирање на постапките за легализација се до спроведување на мисијата на терен и усвојување на официјални препораки кои ќе произлезат од истата, вели Јованова.

Посочува дека освен хотелот во Лагадин, во моментов во тек е градење на повеќе локации, а особено загрижува забрзаната урбанизација на струшкиот брег на езерото, вклучувајќи ја и околината на Калишта каде се наоѓаат 2 од 9-те еколошки жешки точки на Охридското Езеро.

Понатаму, има огромно расчистување на теренот блиску до езерото, во област кај Горица. Се гради дивоградба под Самоиловите тврдини каде покрај реакцијата на институциите, сопственикот продолжил со изведба на темелни стопи, шаловање на потпорен ѕид и слободностоечки столбови, како и бетонирање на истите.

Една од последните дивоградби беше поставувањето на петте армирани плочи во тек на градба кај Извидничкиот центар во Далјан кои се наоѓаат на околу 10 метри од езерото.

Од Општина Охрид за „Фокус“ за оваа дивоградба велат дека е спроведена инспекциска контрола која покажала дека се работи за дивоградба, односно дека се спроведуваат градежни активности без дозвола за градење. Според записникот од извршениот надзор утврдено е дека на локацијата на десетина метри од езерото се поставени пет шаловани и армирани бетонски плочи од по 47,5 метри квадратни, за кои не се издадени решеија за градба. Согласно констатираната фактичка состојба, односно градење без дозвола, донесено е решение за отстранување на петте плочи во тек на градба.

ХОТЕЛОТ ВО ЛАГАДИН СТАНУВА ЛЕГАЛЕН

Но, вистинскиот предизвик ќе биде ова решение за отстранување да се спроведе, односно рушењето да се реализира.

И за хотелот во Лагадин неколкупати е поништувано одобрението за градба, но Министерството за транспорт и врски по десетти пат го прогласи за ништовно поништувањето и со тоа одобрението за градба издадено во 2016 година сега стапува на сила.

Ова значи дека Општина Охрид, кој е првостепен орган, сега ќе мора да ја почитува мериторната одлука на второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски, односно тука предметот завршува и според Законот за управна постапка одлуката на второстепената комисија, треба да ја почитува првостепениот орган.

Друга препорака која државата тврди дека ја спровела, но во реалноста не е така е забраната за ловење на Охридската пастрмка, белвицата и јагулата.

Нацрт риболовната основа за Охридско Езеро и неговиот речен слив, која беше презентирана во ноември, не предвидува целосна забрана за Охридската пастрмка, белвицата и јагулата, односно овие видови не може да се ловат само во периодот на мрестење .

Истовремено, во Акцискиот план на Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион (усвоен од страна на за Охридската пастрмка, белвицата и јагулата Владата), една од активностите, и тоа со предвиден рок за имплементација „итно“, е усвојување на риболовна основа за Охридското Езеро и неговиот слив, во која ќе биде предвидена целосна забрана за лов на овие видови.

КОНЦЕСИЈА БЕЗ РИБОЛОВНА ОСНОВА

Во моментов законски не може да се ловат овие (или било кои други) видови во Охридското Езеро, бидејќи согласно важечкиот Закон за рибарство и аквакултура во случај на одземена концесија за одредено риболовно подрачје или риболовна зона – забранет е риболовот воопшто, а концесијата за Охридско Езеро беше одземена во 2020 година.

Меѓутоа, во јануари годинава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доделување на концесија за вршење стопански и рекреативен риболов на Охридското Езеро. Ваквиот повик се објави пред да се донесе риболовната основа, што е прекршување на важечкиот закон.

И покрај тоа што законот налага концесиите да бидат во согласност со риболовните основи, за Охридското Езеро се објави јавен повик и одбра концесионер за риболов пред да се усвои риболовна основа.

Невладините организации преудпредија дека во Извештајот за напредокот и исполнување на препораките кој Министерството за култура како одговорен орган го испрати минатиот месец до УНЕСКО вистината е извртена. Токму за препораката за забрана за риболов, иако во пракса е дадена концесија без усвоена риболовна основа, во Извештајот сето ова е претставено како „имплементација на препораката 12 од 2017 година“, со следниов текст:

„Риболовната основа согласно Законот за рибарство и аквакултура е изработена од овластена институција, и претставува стручна студија за начинот на користење на рибите, и во неа се уредени меѓу другото и заштитата на биолошката разновидност и начинот на порибување на риболовната вода.“

Во Извештајот исто така стои дека Националниот парк Галичица подготви инвентар на нелегално изградени објекти на територијата на Националниот парк Галичица и истата ја достави до Општина Охрид и до Министерството за транспорт и врски. Исто така, Галичица подготви и листа на приоритетни градби за отстранување на територијата на Паркот, со што е исполнета Препорака 2.д.

Но, во суштина и ова е вадење од контекст на работите со цел лажно да се престави дека препораките се спроведуваат. Изоставен е датумот кога е подготвен овој инвентар, кој доколку беше ставен ќе беше јасно дека напредок нема, а работите со години не се поместуваат од место.

СЕ ЛЕГАЛИЗИРААТ НОВОИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ

Инвентарот на нелегално изградени објекти НП Галичица го достави пред речиси три години, заедно со листата на приоритетни градби за отстранување. И во три години не е урната ниту една дивоградба од листата. Последно рушење на бесправно изграден објект во границите на Националниот парк Галичица е направено во 2002 година.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, на листата на приоритетни градби за отстранување има околу 30 објекти, односно викенд куќи кои се во зона на строга заштита во која не е дозволена градба. Неофицијално, меѓу сопствениците на овие куќи има и познати професори и политичари.

Во изминативе три години, не само што не е започнато рушењето, туку се градат и нови нелегални објекти, а и се врши легализација на постоечките.

НП Галичица градежните активностите кои ќе ги забележи во рамки на националниот парк ги пријавува до Градежната инспекција при Општина Охрид која е надлежна истите да ги провери. Односно, установата подготвува записник дека има градежни активности и со извештај го препраќа до Градежната инспекција. Најчесто, тој извештај го испраќаат и до Обвинителство и до Министерство за животна средина.

Но, во најголем број случаи, одговорот од градежните инспектори е дека иако во моментов се гради, има претходна постапка за легализација. Тоа значи дека за објектот на посочената катастраска парцела е почната постапка за легализација. До заврушување на постапката за легализација, ништо не може да биде преземено.

Но, ова е класично изигрување на Законот за легализација, бидејќи според него, право на легализација имаат објекти изградени пред март 2011 година, а во овие случаи е јасно констатирано дека градежните активности се одвиваат во моментов.  Ова значи дека инвеститорот дал лажна изјава на нотар дека објектот е изграден пред рокот даден во законот.

Друг спорен момент е што од околу 400 донесени решенија за легализација од страна на општина Охрид од кога е донесен Законот за легализација, за објекти во границите на националниот парк, околу 300 се издадени без мислење од НП Галичица, иако општината има обврска истото да го побара.

И МИНИСТЕРСТВОТО ГЛЕДА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ

Од Министерството за култура кое ги изработува извештаите до УНЕСКО, на прашањето колку се задоволни од постапувањето на општините Охрид и Струга во мапирање и уривање на дивоградбите во заштитениот појас во Охридскиот регион и дали има напредок на ова поле, велат „сведоци сме на непочитување на законите“.

-Се разбира дека секоја општина треба да се развива, да расте и да се шири, но тоа е неопходно да се прави плански. Особено во општини кои се со режим на заштита. Сведоци сме на непочитување на законите, и остануваме доследно да работиме за целосно да ја спроведеме препораката за целосна заштита на старите градски јадра, велат од Министерството.

Во однос на мораториумот за градба, од Министерството велат дека тој е делумно реализиран, а се работи на Инвентарот на бесправно изградени објекти. Додаваат дека се работи на санација и целосно функционирање на колекторскиот систем, завршен е проектот за пренасочување на реката Сатеска, во тек е постапка за реализација на целосно затворање на депонијата Буково, тековно се реализира препораката за контрола на инвазивните видови во Охридското Езеро за обезбедување редовна програма за следење на биолошката разновидност, а се работи на целосна реализација за намалување на моторизираниот сообраќај во Охридското Езеро во старто градско јадро.

Она што е директно поврзано со Министерството за култура е препораката со која се бара се направи детална проценка со цел утврдување на контактна зона на доброто за да се зајакне заштитата, што идеално би го вклучило и Преспанското Езеро, како важен дел од поврзаниот екосистем Охрид – Преспа и да се вклучи преостанатиот дел од Националниот парк „Галичица“ (можните опфати на контактната зона се предложени и во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охрдискиот регион).

Оваа препорака е во категоријата на делумно реализирана, зашто Министерството за култура има доставено официјален допис до Министерството за животна средина и просторно планирање за формирање на работен тим за дефинирањето на контактната зона.

СПАСОТ Е ВО ПРОГЛАСУВАЊЕ ЗА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ

Со оглед на тоа дека рокот за исполнување на препораките всушност заврши на 01.02.2023, до кога нашата држава го испрати извештајот за напредокот во нивната реализација, за очекување е Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

Врз основа на тој извештај, но и останати информации од други извори и/или увид на терен, Центарот за светско наследство ќе изготви Нацрт- одлука за Охридскиот Регион. На 45-та сесија на Комитетот на УНЕСКО, која ќе се одржи во септември, ќе се разгледува предложената Нацрт-одлука и истата ќе се усвои или измени.

Но, ставањето на Листата на светско наследство во опасност можеби е и најдобрата опција во моментов.

Активистите сметаат дека состојбата на вредностите на Охридскиот регион е таква да истото де факто е светско наследство во опасност и како такво неопходни му се итни мерки предвидени за таквата состојба.

Формалното впишување во оваа листа има повеќе предности – регионот ќе биде под лупата на УНЕСКО редовно и многу поинтензивно, на располагање ќе бидат и повеќе финансии и експерти, но исто така клучно е што според домашниот Закон за управување со Охридскиот Регион, во тој случај Министерството за животна средина ќе има правен механизам (и обврска) да ги забрани сите активности кои придонесуваат кон уништување на вредностите.

Со овој текст „Фокус“ се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

 

Поврзани новости