Ковид-пандемијата полека стивнува, ама затоа, пак, никако да стивнат скандалите поврзани со неа. Тригодишната битка со новиот вирус донесе многу нови предизвици, но и големи профити за приватните лаборатории, болници, веледрогерии, а ништо покуса не испадна ниту државата, која добро ќари од опасниот ковид 19. Можностите за корупција го достигнаа врвот, а сомнежите за злоупотреба на државната сметка несомнено се зголемија.
Не е првпат во земјава спасувањето на човечкиот живот да се користи за заработка на повеќе пари и правење бизнис-зделки. Тоа така функционира со децении.
И покрај наместените тендери и големите разлики во цените за исти производи, најстрашното во целата тендерска приказна е набавката на автомобили, тротинети, фрижидери, клима-уреди, плаќање сметки, седенки по ресторани и сето тоа се квалификува како ковид 19 набавки. Тука не станува збор за неколку, туку за илјадници тендерски постапки.
Како прва на листата може да се најде Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците, која е речиси новоформирана, поточно функционира од 2019 година. Законот за јазици стапи во сила во јануари истата година, и со тоа, покрај македонскиот, во институциите, службен јазик станува и албанскиот. Во тој период се формира и оваа Агенција, со која за целиот период раководи Илбер Села, кој доаѓа од редовите на ДУИ.
Според податоците, за време на пандемиската криза, оваа Агенција само за една година има повеќе од 200 јавни набавки, кои фигурираат како набавки наменети за ковид-потреби. Но, тоа не е вкупниот број на направени тендерски постапки само за таа намена.
Толку успеавме да прегледаме со оглед на тоа што станува збор за огромен број тендери. Од тоа што забележавме, ниту една набавка нема никаква врска со ковид или, пак, на некој начин е поврзана со страшната пандемија.
За време на целата корона-криза, оваа Агенција секоја набавка ја регистрира како ковид, а наместо тоа си купува стол од 69.000 денари, токен од 5.620 денари, секој месец си ги плаќаат режимските трошоци за струја, вода, фиксна и мобилна телефонија.
Исто така, на „ковид сметка“ имаат еден куп набавки за угостителски услуги во една иста кафеана, како и сместување во хотели, поточно цело време во еден ист хотел. Тука се и набавките за пијалаци, комунална хигиена, сервисирање возила, регистрација на возила, набавка на компјутери и печатачи. Дури не можеме да постигнеме да наброиме сѐ.
На пример, има сметка за топлинска енергија и над 70.000 денари, додека за телефони се движат до 20.000 денари. Потоа, тука е сметката за струја, која за еден месец изнесува околу 33.000 денари. Ама тоа е само за еден месец. Што сѐ тие пари можеле да придонесат за да се помогне во опасната ситуација во која се најде целиот свет?
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Ирена Мулачка