Наместо дополнителни пари за студентски оброк, Владата изгледа сака да збогати некоја блиска фирма, вели Ходаи

by vlatko 10:10
10:10

Наместо дополнителните средства да се насочат кон зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк, Владата најавува изработка на ново софтверско решение, чија потреба е дискутабилна, оцени Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ходаи изрази сомнеж во мотивите за воведување нова електронска платформа за студентскиот оброк, посочувајќи дека нејзината изработка ќе предизвика дополнителни трошоци.

-Проблематично е поради тоа што уште пари ќе се трошат на софтверско решение, кое ќе биде платформа за студентски оброк, што сигурно ќе чини многу – изјави тој.

Според него, средствата што би биле потрошени за новата платформа можат да се искористат за подобрување на студентскиот стандард и зголемување на дневниот износ за исхрана.

-Наместо тие пари да бидат насочени кон висината на студентскиот оброк, изгледа дека Владата сака да збогати некоја нова фирма што е блиска до нив како партија и како Влада – рече Ходаи.

Тој смета дека дополнително спорно е тоа што, според неговите наводи, постапката за изработка на новото софтверско решение започнала пред студентите да се изјаснат дали го прифаќаат предложениот модел.

Тој оценува дека нема оправданост за трошење дополнителни буџетски средства за промена на системот доколку студентите се задоволни од постојниот начин на користење на субвенционираниот оброк.

Слични вести