Наместо да ги крадат дрвокрадци, ние ги исековме дрвата покрај патот – тврдат од ШС Демир Капија по обвинувањата за сеча

by fokus

-Шумско Стопанство Демир Капија врши сеча на патот Војшанци – Калањево – реагираа читатели на ,,Фокус” кои ни доставија фотографии од местото каде била извршена сечата. Неофицијално, исечените дрва се носеле во основното училиште во Демир Капија и се користеле за огрев. Фотографии од местото на настанот деновиве се споделуваат и на социјалните мрежи посветени на регинот, со апел да се престане со сечата и со уништувањето на природата.

Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, во разговор за ,,Фокус” тврди дека се работи за дезинформации, бидејќи во основното училиште годинава биле набавени околу 100 кубика дрва за огрев, и дури половина од нив не биле искористени. Вели дека нема проблеми со греењето, ниту пак недостаток на огревно дрво.

-Станува збор за шпекулации, бидејќи во училиштето има доволно огрев. Околу тоа дали и зошто се врши сеча, најдобар одговор може да ви дадат од Шумското Стопанство Демир Капија, но греењето во училиштето функционира беспрекорно и имаме доволно огрев за целата сезона – ни изјави Петров.

Од Шумско стопанство Демир Капија потврдија дека се врши сеча на патот Војшанци – Калањево, но тоа било редовна процедура.

-Секоја година имаме дрвокрадци кои на тој дел на патот. На местото расте багрем, кој е честа мета на крадците. Има многу викендички наоколу, најверојатно сопствениците си сечат од багремите. Затоа, наместо дрвокрадците, ние решивме да ги исечеме дрвата покрај патот, што е добро за нивна обнова, а истите се наоѓаат кај нас. Не сме ги носеле во училиштето, нема такво нешто, се работи според прописи – ни изјави директорот на ШС Демир Капија, Стефан Стојановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости