Наместо да достави навремени одговори, Жерновски се заканува со тужба

by Фокус

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, се заканува со тужба до Фокус, поради текстот насловен „Што го поврзува Жерновски со Црвенковски и Мијалков“ од авторот Влатко Стојановски, објавен во најновото издание на неделникот, во кој се обработува дел од политичката кариера на Жерновски во периодот откако е потпретседател на ЛДП до неговиот избор за градоначалник, но и тендер спроведен од страна на општината за време на неговиот мандат.

Ви ја пренесуваме реакција на Жерновски:

„Општина Центар секоја година добива признание за најчисто и транспаренто работење, и во тој дух ви ги приложуваме документите за да ги отфрлиме овие лаги. Го повикуваме новинарот Влатко Стојановски во рок од 48 часа да се извини за напишаното, во спротивно ќе поднесеме тужба за клевета. Срамно е за новинар кој е добитник на награда за истражувачко новинарство да пишува вакви невистини.

Прво, новинарот сугерира дека е сомнително што двата други понудувачи биле дисквалификувани. Вистината е дека двата други понудувачи биле дисквалификувани заради недвосмислени недостатоци во документацијата. Првиот немал поднесено банкарска гаранција од 3 отсто, а вториот имал формален недостаток каде доставил две понуди со различни цени за истата набавка, што автоматски според законот за јавни набавки се дисквалификува.

Второ, лага е дека тендерот бил склучен за 30.000 евра повеќе од неговата проценета вредност. Проценетата вредност на тендерот е 12.000.0000 денари и договорот е склучен во рамки на таа цена. Договорот е јавно достапен на сајтот на Бирото за јавни набавки.

Трето, општина Центар во сите тендери бара пресметка за три години, но не и за последната како што тоа единствено точно го кажува новинарот. Тоа е така затоа што УЈП некогаш ги нема изработено пресметките за компаниите за последната година во законскиот рок до февруари, туку пролонгира до мај. Затоа, за тендери објавени во март и април (како што е овој тендер) не се бара пресметка за последната година. Целта е да се отвори можност сите компании да може да партиципираат, а не само оние кои веќе имаат пресметка од УЈП. Тоа е во духот на транспарентноста и конкурентноста, а не обратно како што сакал да прикаже новинарот. Покрај ова, новинарот и за друго свесно манипулирал со фактите. Имено, кога веќе ги проверувал завршните сметки на компанијата за тие три години, сигурно го видел завршното салдо и за годината која недостига, но намерно го сокрил. Тоа е така затоа што компанијата и таа година имала доволен обрт на средства и покрај тоа што не било задолжително да има.

Четврто, новинарот манипулира со бројот на вработени иако се обидува да се огради во последниот параграф. Сепак, јавноста мора да ја знае вистината. Во продолжение е точната формулација на условот за вработени: “Понудувачот треба да располага со 15 лица вработени во редовен работен однос, но само 5 да се вработени во редовен однос кај носителот на понудата“. Ова е повторно пракса единствено на Општина Центар секогаш изричито да бара „редовно вработени“ лица. Целта е да се намали можноста за ангажирање на хонорарци и дирекно да се влијае за пoдобрување на пазарот на труд.

Општина Центар цели четири години беше изложена на инспекции и контроли. Во рамки на финансиската полиција, според наши информаци, имало специјално задолжени луѓе да ги следат јавните набавки и најдат сомнителни зделки. Го охрабруваме новинарите да истражуваат и укажуваат на можни случаи за корупција или нелегално работење, но не и да манипулираат“.

ОДГОВОР НА АВТОРОТ

Фокус и авторот на текстот немаат никаква намера да се извинат, бидејќи текстот се темели на официјални изјави, бројни брифинзи и проверени факти, кои градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, ги толкува и анализира како тенденциозни сугестии.

Политичкиот дел, кој всушност претставува поголем дел од текстот, се заснова на изјави и брифинзи од активни чинители во политичкиот живот, од кои некои своевремено биле блиски соработници на Жерновски, па дури и на информации своевремено добиени од самиот Жерновски. Оттука, за секоја реакција во однос на овој дел го упатуваме Жерновски да се обрати на други адреси.

Што се однесува до тендерот, пак, во недостиг на навремени одговори од Жерновски, се повикувавме на официјални податоци од Бирото за јавни набавки и Централниот регистар. Имено, според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, Општина Центар на 19.05.2016 година склучила договор со компанијата Флорастат за хортикултурно уредување и системи за полевање од бул. 11 Октомври до ул. Македониија на територија на Општина Центар – Скопје, во износ од 11.922.950 денари.

Притоа, како проценета вредност на договорот во електронскиот систем за јавни набавки е наведена сума од 10.169.492, што е разлика од скоро 30.000 евра, токму како што е напишано во текстот. Ако овие податоци се неточни или непрецизни, тогаш Жерновски нека реагира во Бирото за јавни набавки, а, патем, можел да сподели и поинакви податоци доколку навремено одговорил на прашањето на Фокус.

Понатаму, во текстот не се алудира дека другите две заинтересирани компании биле намерно елиминирани од страна на општината, туку се констатира дека биле дисквалификувани, со оглед на тоа што на крајот од постапката не се спровела електронска аукција, односно негативно наддавање со цел да се постигне пониска цена, туку единствениот квалификуван понудувач доставил конечна цена.

Исто така, во тендерската документација се бара компанијата во последните три години да има вкупни приходи од 30 милиони денари и најмалку 15 редовно вработени, па, имајќи во предвид дека финансиските извештаи доставени до Централниот регистар покажуваат дека Флорастат самостојно не го исполнува вториот услов, прашуваме дали оваа компанија била поддржана од друга компанија, или, пак, била носител на конзорциум? Која е другата компанија или компании што го поддржале Флорастат, Жерновски не одговори ниту кога навремено прашавме, а не одговара ниту во реакцијата.

Оттука, му порачуваме на Жерновски, наместо да се заканува со тужби и да се служи со ниски напади и дисквалификации кон новинарите, како избран јавен функционер да биде толерантен кон медиумите не само кога го глорифицираат, туку и кога критички ја опсервираат на неговата работа. На крајот, апелираме навремено да одговора на прашањата на сите медиуми, вклучително и на Фокус, кој неколку дена веќе чека одговори и на многу други прашања, поврзани со неговиот мандат како градоначалник на Центар.

Поврзани новости