Наместо родителите да одвојуваат пари за осмомартовски подароци за наставничките, група на наставнички од Основното училиште Христијан Тодоровски Карпош од Скопје, иницирале хумана акција.
Тие поставиле кутија за донации со апел до родителите, доколку планирале да одвојуваат средства за купување на подарок, истите средства да ги стават во кутијата, со цел да се подигне свеста, но и да се помогне на лицата кои се соочени со ретката болест Вилсон.
Од училиштето потсетуваат дека децата треба да се едуцираат за постоењето на ретките болести, и со тага го спомнуваат нивниот ученик Дамјан Димиќ, кој ја изгубил битката со оваа болест.
-По осми пат во нашето училиште традиционално по повод Денот на жената – 8. Март се спроведува хуманитарна акција за собирање средства за помош на лицата заболени од ретката болест Wilson.
Акцијата се спроведува како дел од ХУМАНИТАРНО-ЕДУКАТИВЕН проект „ Љубов за Дамјан “.
Проектот е посветен на нашиот беспрекорен ученик Дамјан Димиќ кој на голема жалост ја загуби борбата / битката / мечот / трката – со ретката болест Wilson, (а се обиде… и даде се од себе …да не биде така).
Загубата на неговиот млад живот и соочување на сите нас со постоење на оваа ретка болест, придонесе за развивање на свеста на децата – ученици во О.О.У „ Христијан Тодоровски- Карпош “ како и на возрасните кои се поранешни ученици и постојани жители на населбата Карпош 1 ( К-1 ) за нивно едуцирање во врска со постоење на ретките болести како и ретката болест Wilson – од денот на загубата / па продолжи и до оваа 20022/2023 учебна година, а се надеваме ќе трае.
Почитувани родители и ученици,
Уште еднаш Ве потсетуваме дека 8 Март е ден кога сите ние треба да ја покажеме својата хуманост.
Доколку сте планирале било какви средства да одвојувате за наставничките по повод 8 Март би Ве замолиле средствата да ги уфрлите во кутија за донации за лекување на ретката болест Wilson која во период од 2.3.2023 до 8.3.2023.ќе поминува низ училниците на училиштето…
Однапред Ви БЛАГОДАРИМЕ!- објавија од училиштето.
Потсетуваат дека најголем подарок за наставничките е љубовта, почитта која ја добиваат од нивните ученици и практикувањето на сите нивни добронамерни совети.
Реализатори на проектот се одделенските наставнички Оливера Павловска и Татјана Велкова и наставникот по математика Витомир Лазороски.
На страницата на училиштето е објавено и видео во спомен на Дамјан, каде неговите соученици со љубов и тага се сеќаваат на него.
Вики Клинчарова