Се што вредеше, домашно и странско, апелираше да се излезе на референдум и да се каже ЗА. Кој ја прими пораката, ја прими. Тие што не ја примија, ќе бојкотираат за да ја прикријат својата немоќ, свесни дека измина времето на тегнењето на гласачите за уши, на еднодневната преселба на Пустец во Скопје, на оживувањето на мртвите души загрижени за резултатите на разноразните избори низ Македонија.
После сето ова,мислам дека стануваат по малку и депласирани повиците за да се гласа на референдум што не стивнуваат и често пати се мотивирани од потребата на поединци да покажат јавно дека ете и тие да ти биле за евро-атлантска Македонија.За жал, го чинат тоа дури сега кога е јасен правецот по кој ќе оди земјава, ама ајде, “Болје икад него никад“.
Чинам дека поглавјето за Референдумот во нашава книга е завршено, дека читателите веќе си ги средиле впечатоците и дека нивниот судбоносен глас ќе биде позитивен. Не дека Преспанскиот Договор е идеален, туку затоа што минувајќи низ премрежјата на македонската одолжена транзиција исполнета со криминал, немир, корупција и неизвесност, читателите констатираа дека писателот им нуди опција, нешто како светлина на крајот на тунелот.
Анализирајќи ја општата атмосфера створена во предреферендумска Македонија, радосно заклучувам дека овој народ во целина, не издвоен етнички, верски, комитско-мајмунски и балистичко- шверцерски, културолошки , партијски, не прифаќа да биде воден и управуван по онаа идиотска формулација –Народе мој, стоко моја. И,народов што не сака да биде стока, не сака да живее во македонизираните антички митови додека научниот и технолошки развој достигнува незамисливи височини. Не сакајќи го тоа, овој народ нормално дека знае да се запраша – која е понудата спротивна од компромисот со Грција, од влезот во НАТО и ЕУ. Штама,не стигнува одговор од никаде, нема понуда, нема опција. Бојкотот е слабост и прикривање, повлекување на немоќниот на маргините на политичките збиднувања, вели народот.
Дефинитивно, суицидалноста е одлика на тие што својот живот го сметаат за беззвреден и посегнуваат по својот живот. Суицидот го сметам за голем харам, грев што, според Исламот е непростлив, но свесен сум дека постојат аутоагресивни поединци кои што искрено ги жалам. Ама, аутоагресивен ,суицидален народ не постои, не постои народ што меѓу нештото и ништото ќе избере да се самоубие. Ете затоа се плашам да не претеруваме со апели и повици во врска со нешто што е јасно. Бојкотот и бојкотирачите имаат право да останат на маргините и тоа право никој не може да им го одземе.Не, овој народ не е суицидален.