Веќе неколку денови во јавноста се врти приказната за „претепаното“ тримесечно бебе на скопската Клиника за детски болести од страна на медицинска сестра, но оддеднаш лека полека работите почнаа да спласнуваат, па на крај, самиот директор Реџеп Мемеди синоќа во интервју за „Портал икс“ истакна дека се работи за недоразбирање.
„Вистината е дека воопшто немало намера да се повреди бебето. Ова се случило во една процедура за земање крв за анализа. Обично работат две сестри. Едната ја фиксира раката за да се земе крв.
Можеби поради механичката фиксација со рака, се случило да се појави хематом на десната рака на бебето. Констатирав дека според сите информации и околности, извор на ова недоразбирање е вербалната комуникација која можеби не е како што треба.
Оваа комуникација подоцна отворила дилеми кај родителите на детето дека можеби овој пристап е со други мотиви“, рече директорот Мемеди за „Портал Икс“.
Медицинската сестра повеќе од три дена е мета на навреди, целата работа се сведе на национализам, демек сестрата го повредила бебето, бидејќи неговата мајка не разбирала македонски јазик.
Сепак, дел од лекарите и Здружението на медицински сестри се кренаа, сфаќајки дека позадината е сосема друга. Тоа што е чудно и покрај целата галама што ја крена семејството, тие никаде не пријавиле дека нивното бебе е тепано на клиниката, освен што даваа изјави за „Портал икс“.
Сепак, најчудно во целата приказна е што никој не ја праша медицинската сестра и да ја слушне нејзината страна, туку наеднаш актуелниот министер за здравство Арбен Таравари и новиот директор на клиниката излегоа со страшни обвинувања, нарекувајќи го монструозен чин и дека сестрата веднаш ќе биде казнета како што заслужува. Дури, уште истата вечер го посетија семејството.
Во меѓувреме, работите испаднаа подруго од тоа што сакаше да ги презентира менаџментот на Клиниката, па на крај се се сведе на обично недоразбирање. Дури и Стручниот колегиум на клиниката реагира, а Комисијата од тројца лекари исто така бојкотира да се занимава со овој според нив „наместен“ случај.
Ирена Мулачка