Собранието денеска во рамки на продолжението на 45. седница треба да гласа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, по скратена постапка, со којшто се предвидува намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти.
Законските измени се на предлог на Владата, а со нив се предвидуваше тие да почнат да се применуваат од 1 јули.
На дневен ред на 45. седница се и предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, по скратена постапка, Предлог на закон за дополнување на Закон за научно-истражувачката дејност, дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за високото образование, дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита во второ читање, како и Предлог на закон за медијација во прво читање.