Минималната плата, а не просечната, да се земе како основица при пресметка на платите на функционерите, предлага адвокатот, Глигорие Ќатоски, по чија иницијатива беше оспорена пред Уставен суд апанажата на разрешени функционери. Со овој предлог на Ќатоски, платите на функционерите не би се зголемиле за 78 отсто колку што предупредуваат од Синдикатот на УПОЗ, туку би се намалиле. Па така 45.000 денари би била минималната функционерска плата.
Иако вели дека одлуката на Уставен е исправна од правен аспект, сепак прашува како тоа на Уставен суд му требаше повеќе од една година да одлучува за иницијативата за апанажа, а експресно одлучил по иницијативата на адвокатот Бојан Стојевски, со која преку укинување на два члена од Законот за плати и надоместоци на функционерите, драстично се зголемуваат нивните плати.
-Зборувајќи од номотехнички и правен аспект мое мислење е дека одлуката на Уставен суд е исправна иако зачудува мотивацијата кај колегата адвокат за поднесување на оваа иницијатива, како и експедитивноста на Уставен суд да одлучи по иницијативата во во рок од 2-два месеци од поднесување на иницијативата. Би сакал да напоменам дека по иницијативата за укинување на апанажата на Уставен суд одлучуваше повеќе од 1-една година – вели Ќатоски за Фокус.
Тој предлага наместо 29.000 денари, основицата со која сега се множи коефициентот при пресметка на функционерските плата да биде минималната плата, која сега изнесува 20.000 денари. Со ова не би имало зголемување, туку намалување на платите.
„Сметам дека ваквата измена на законот е економски оправдана имајќи во предвид дека во изминатиот период нашата држава се соочуваше со корона криза, економска криза, а сега и криза предизвикана од воениот конфликт во Украина. Од друга страна сметаме дека на овој начин ќе се изврши усогласување на платите на избраните и именуваните лица согласно станадардот на граѓаните во државата, па така избраните и именуваните лица ќе имаат примања кои што ќе бидат еднакви па и повисоки од оние на просечниот работник во државата“, стои во неговата иницијатива.
Тој додава дека иницијативата ќе ја достави до сите парламентарни партии.
„Оваа измена е неопходна од причина што финансискиот надоместок на избраните и именуваните функционери во РМ не треба да биде основен стимул да се превземе со функција. Стимулацијата за вршење на високи државни функции треба да се гледа низ призмата на одговорноста на секој поединец да придонесе за општото добро и јавниот интерес како прашање на чест, а не како прашање поврзано со привилегии“, посочува Ќатоски.
Тој и група правници пред повеќе од една година поднесоа иницијатива до Уставен суд за оспорување на уставноста на апанажата. Според иницијативата апанажата го нарушува принципот на еднаквост на граѓаните. Правниците тврдеа дека правото на функционерите да добиваат апанажа по завршување на нивниот мандат, претставува дискриминација по општествен статус. Уставниот суд укина само еден член, со кој им се укинува апанажта на разрешени функционери и оние кои си дале оставка.