Комисијата за заразни болести не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, соопшти од таму по денешниот состанок на којшто се разгледуваше епидемиолошката состојба во земјава.
-Во изминатата недела се забележува благ пораст на бројот на нови случаи (8,5%), што е значително понизок пораст споредено со претходната недела (55,7%) и е во согласност со намалувањето на репродукцискиот број (Р0). Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор.
Во овие услови, Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи. Од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се Ковид позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски, соопштија од Комисијата.