Вкупно 31 отсто од бугарските граѓани го поддржуваат најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите со Северна Македонија, а за придржување до досегашниот поцврст став се изјасниле 49 отсто од испитаниците кај нашиот источен сосед, додека 20 проценти немаат став.
Ова го покажуваат резултатите од анкетата на Агенцијата Алфа рисрч, објавено денеска, а спроведено во периодот од 6 до 14 февруари на примерок од 1060 испитаници.
Во претходните анкети околу односот спрема Северна Македонија за време на Владата на Бојко Борисов и министерката Екатерина Захариева поддршката за тврдиот пристап изнесуваше и до 80 отсто.
Според Агенцијата, по ова прашање, тенките црвени линии не минуваат само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи. Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучително и оние на Промената продолжува, на премиерот Кирил Петков, му даваат предност на досегашниот пристап. Тоа не значи дека новиот пристап е осуден на неуспех, но ја потврдува старата максима – не е доволно да се каже, важно е да се убеди, наведуваат од Агенцијата. И очигледно, токму во убедувањето на теми кои не се директно поврзани со противењето на претходните владетели, новата влада трпи значителни дефицити.
Инаку, во анализата на Агенцијата се наведува дека според речиси сите главни показатели кои Алфа Рисрч ги следи повеќе од 20 години, мислењата на луѓето се многу поларизирани. И покрај промената на седум редовни влади во овој период, беше многу ретко да се види толку брзо и различно темпо во еволуцијата на ставовите на јавноста во раните месеци на една влада, како што е забележано во тековната студија на агенцијата.