НАкС: Најстарите универзитети имаат недостиг од кадар

by fokus

Интервентно вработување на 300 лица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и 100 на другите јавни универзитети и научни установи, во најскоро време да почнат преговори за потпишување колективен договор, итно да се формира Национален совет за финансирање и развој на високото образование и науката, да почне постапка за донесување нов Закон за научноистражувачка дејност во кој ќе биде предвидено формирање Агенција за научноистражувачка дејност што ќе ја финансира реализацијата на научноистражувачки проекти. Ова се барањата на Независниот академски синдикат (НАкС) што вчера биле претставени пред министерот за образование и наука Арбер Адеми и неговиот тим советници за високото образование.

Претседателот на Независниот академски синдикат (НАкС), Маја Стевановиќ на денешната прес-конференција го презентира и истражувањето што го спровеле за структурата на вработените на шесте јавни универзитети и осумте јавни научни установи (самостојни институти кои не се во состав на универзитетот). Истражувањето покажало дека постои огромен недостиг на асистенти на најстарите универзитети, УКИМ и Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола (УКЛО), додека по однос на подмладокот универзитетите ДУТ, „Гоце Делчев“-Штип и „Мајка Тереза“ имаат солидна основа за опстанок и за иден развој.

Од НАкС препорачуваат да се почне со ревитализација на УКИМ, УКЛО и на јавните научни установи, така што во Буџетот за идната година ќе се обезбедат дополнителни финансиски средства за интервентно вработување на професорски, асистентски и административен кадар, универзитетите и јавните научни установи по автоматизам да добиваат согласности за вработување од МОН и Министерството за финансии.

Мимоза Ристова, професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на Извршниот одбор на НАкС рече дека не е точно оти има големи плати во високото образование и потребно е нивно зголемување. Информира дека зголемување на платите имало за вработените во основното и средното образование, а од 3,8 до 4 отсто за високото образование, место пет отсто.

– Во Македонија состојбата е најлоша и треба да се коригира. Ова не е фер, не е добро и не е во согласност со добрите практики во Европа и во регионот, рече Ристова.

Одговарајќи на новинарско прашање, Стевановиќ рече дека платите на подмладокот не се атрактивни и младите генерално не помислуваат да останат на факултет. Според неа, ако генерално не се смени политиката по однос на вработување, финансирање, плати во високото образование, овој сектор ќе престане да биде примамлив за добрите, воопшто за вработување и тоа, како што рече, е причината за деградацијата на образованието.

Таа резимира дека се огромни проблемите во високото образование и треба што побрзо да почнат да се решаваат еден по еден. Додаде дека со МОН и со ресорниот министер почнале конструктивен дијалог и се договораат да работат во перспектива.

Поврзани новости