Загледани во далечното замаглено минато испреплетено со антички митови и легенди, не ја гледаме и испишуваме поблиската историја што нè определува, воздига и со која можеме да се гордееме. Токму затоа сме присилени да ја пишуваме и прекројуваме својата историја со комшиите
Пишува Звонко Давидовиќ
„Сè во оваа земја со текот на времето се извртувало во изненадување и сè, во секој миг, може да стане спротивно од она како ни изгледало”, пред неколку децении напишал Иво Андриќ во „Травничка хроника“, опишувајќи ги луѓето и настаните на почетокот на 19 век.
За жал, ниту како луѓе, ниту како народ, не сме напредувале ни чекор од тогаш, а сè што можело и било кажано во минатото за луѓето од ова поднебје, важи и денешен ден.
Ние сме еден многу збунет народ, кој е необразован и нетолерантен, народ кој е оптоварен со историјата и со минатото, а не ги познава, ниту себеси, ниту историјата, ниту минатото. Заглавени сме некаде меѓу Античка Македонија и Балканските војни, заборавајќи го најсветлиот дел од нашата историја – антифашистичката борба и создавањето на македонската држава. Како бесна распуштеница го негираме, девалвираме и го криеме претходниот брак од кој излеговме единствени без војна и минимални жртви на нашите синови, кои паднаа некаде таму на територија на другите републики.
ТРАДИЦИЈА НА НЕБИТНО И НЕВАЖНО
Ние сме народ без традиција за она што е сериозно и битно, односно народ сме со традиција за небитно и неважно, традиција на правење скара на ливада и ракија во двор. Вековната бунтовност на овој народ и правдољубивоста се сведува денес, не на протест за лошиот живот и сиромаштијата, не за беззаконието и недопирливоста на поединците, туку на протест што нема кафеана и шопска.
Традиција, не е само културата, или она малку што останало од неа и што малкумина го негуваат, а другите го омаловажуваат и се срамат, туку традиција е континуитет и поврзување на денес, со она што било вчера, со сето она што допрва ќе дојде. Традиција е, во суштина, визија, сила и квалитет да создадеш нешто добро во времето во кое живееш и кое доаѓа.
Ваквото сфаќање на традицијата за која многу кажал и напишал Бранко Кукиќ, писател и публицист, отсуствува не само кај нас како народ, туку е заедничка особина на сите народи на овој дел на југоисточна Европа. Кај нас единствена визија е продолжување на традицијата на лоповлук, мешетарење, лактање и создавање феудални газди.
Општествените премрежја, а особено политичките случувања создадоа околности во кои не успеавме да воспоставиме систем на вистински вредности во кој најдобрите и најспособните ќе бидат афирмирани, не успеавме нашата традиција и култура да ја заштитиме од примитивизмот и не успеавме да се одбраниме од стихијата на омраза, лагите, измислиците и спинувањата на тие што ги измешаа идеологиите, религиите, вистината и лагата, доброто и лошото заради своја лична корист и неказнивоста.
ЗОШТО НИ ТРЕБА ВОДАЧ-ПАСТИР?
Минатото, особено она од осамостојувањето, па до денес, покажа дека ние не сме народ кој може и сака да тргне по патот на напредокот, самоспознавањето и исправањето на заблудите од минатото во кое сме заглавени веќе децении. Покажавме и докажавме дека не сме кадарни сами да го избереме својот пат и да ги донесеме одлуките, туку чекаме некој друг да го направи за нас, крстејќи се во големите „пријателски“ држави, кои го гледаат само и само својот интерес, и обожувајќи гo водачот- пастир.
Никогаш водачот не бил избран заради својата памет и способност, заради целта, туку поради страв, глупост, полтронство или помало зло. Токму поради тоа сме таму каде што сме затоа што водачот не бил државник, туку човек од ветувања, празни зборови, партиски и личен интерес. Кога народот тоа ќе го сфати, почнува да кука, колне, негодува и да плука, барајќи нов водач, кој на ист начин ќе го избере и од него ист резултат ќе добие. Што би рекол еден мој професор „каков народ, таква власт“.
Народ сме кој многу малку чита книги, размислува и се надградува, наместо тоа робови сме на Фејсбук, лажни вести, туѓи мисли и вистини. Во нашиот образовен систем не се предаваат и не се учат предмети базирани на факти, туку на желби и потреби. Историјата ни е составена од веење знамиња, татнеж на тапани и зурли и херојски дела на луѓе, кои едни ги слават, други ги кудат, од луѓе кои секоја политичка гарнитура ќе ги воскресне или закопа по своја потреба и цел.
Загледани во далечното замаглено минато испреплетено со антички митови и легенди, не ја гледаме и испишуваме поблиската историја, која нè определува, воздига и со која можеме да се гордееме. Токму затоа сме присилени да ја пишуваме и прекројуваме својата историја со комшиите.
Не ги читаме и почитуваме нашите писатели и поети, не се гордееме со ризницата и богатството што ни го оставиле во јазикот, традицијата, обичаите и наместо тоа се обидуваме да станеме нешто што ниту сме, ниту некогаш сме биле. Токму поради тоа мораме постојано да ја докажуваме посебноста и изворноста на нашиот јазик секому кој сака да нè обезличи, претопи и подведе под некоја своја историја или припадност.
Не сме се самоспознале, токму поради немањето на традиција и не негувањето на корените, обичаите и спецификите, кои ги имаме како народ. Нашиот народен дух бил и е преточен, не само во пишаниот збор, чекорот на орото, звукот на гајдата и зурлата, туку и во мислата, надежта, сонот и карактерот на оној едноставен човек од минатото кој ја работел земјата, тргувал со роба натоварена на гемии и мечтаел да биде свој на своето.
ЗАКОНИТЕ СЕ ПРЕКРОЈУВААТ ПО СВОЈА МЕРКА
Законите ги прекројуваме по лична и политичка желба и потреба, без истражување и потврда на праксата, без да ги запазиме и сочуваме нашата историја и дух, заборавајќи дека во истите се вткаени нашите потреби, менталитет и особености. Сето она што со децении е создавано како правна традиција, неколку некадарни, неискусни политички потрчковци и активисти преку ноќ го менуваат создавајќи крпени, неприменливи и глупави монструми од закони и прописи, кои ниту нè водат напред, ниту можат да се применат, ниту се во согласност со нашиот дух, традиција и севкупната правна потреба и историја.
Единственото оправдување за создавање ваков франкенштајнски правен систем е дека тоа го бара некојаси комисија. Но, истата таа комисија ги разгледувала и ги одобрила и англиските закони, кои не се сменети стотици години, но има народи што избираат способни и стручни луѓе, кои знаат и умеат да преговараат и да ја објаснат специфичноста и потребата на својот народ и да ја сочуваат традицијата. Не сме ние ниту Холанѓани, ниту Швеѓани, не сме ни Хрвати, ни Италијанци, туку Македонци со своја традиција, потреба и поднебје.
Ние сме една од ретките земји, која нема своја национална програма, земја која нема национален консензус и сплотеност околу националните интереси и црвени линии – граници што не смеат да бидат поминати. Наместо тоа, секоја партија и секој политички лидер ги испишува сопствените црвени линии, играјќи си со границите на дозволеното, корисното и потребното, во зависност од потребите и интересите на тајфата околу него или сопствените.
Националната поделеност и разделеноста, меѓусебната омраза и нетрпеливост нè прави ранливи и погодни за уценување, прекројување, тргување и приспособување на нашиот идентитет, историја и устројство, не според вистината, фактите и нашите потреби, туку според туѓи потреби и желби.
Сè додека не се сплотиме и ги определиме националните интереси во кои ќе бидат вткаени темелните вредности за кои се бореле нашите предци, за кои ние ќе се бориме и ќе им оставиме аманет и наследство на следните генерации наши потомци, со кој ќе се гордеат и без срам секаде гласно ќе кажат јас сум Македонец, сè до тогаш ќе лутаме, молиме, ќе прекројуваме и ќе препишуваме, тивко шепкајќи со наведната глава јас сум Македонче, заборавајќи дека куќите и огништата на нашите дедовци и прадедовци се постари од некои нации што ги величаме и им завидуваме.