Ракопис од хебрејската Библија, стар повеќе од илјада години, е продаден за 38,1 милиони долари, што го прави најскапиот ракопис некогаш продаден на аукција.
„Кодексот на Сасун“, како што е позната оваа копија, е врзан со кожа и датира од крајот на деветтиот или почетокот на десеттиот век, што ја прави најстарата позната целосна хебрејска Библија.
Книгата беше продадена во „Сотби“ во Њујорк, по четириминутно натпреварување меѓу двајца учесници, а му припадна на Алфред Х. Мозес, поранешен американски амбасадор и претседател на Американскиот еврејски комитет, кој ќе ја подари на Музејот на Евреите.
Објаснувајќи го своето купување, Мозес рече: „Еврејската Библија е највлијателната книга во историјата и ги содржи основите на западната цивилизација. Среќен сум што знам дека му припаѓа на еврејскиот народ“.
Пред „Кодексот на Сасун“, најскапиот ракопис некогаш продаден на аукција беше „Кодексот на Лестер“ на Леонардо да Винчи, кој Бил Гејтс, основачот на Microsoft, го купи во 1994 година за 30,8 милиони долари.
Кога станува збор за историските документи, најскап е првиот примерок од Уставот на САД, кој аукциската куќа „Сотби“ го продаде во ноември 2021 година за 43 милиони долари, пишува „Euronews“.
Кодексот на Сасун ги содржи сите 24 книги од Стариот завет и недостасуваат само 12 листови, а е постар повеќе од еден век од најраната комплетна копија на Стариот завет – Ленинградскиот кодекс.
Книгата е именувана по нејзиниот современ сопственик, Дејвид Соломон Сасун, истакнат и страстен собирач на јудејски и хебрејски ракописи.