Сто и едногодишен дедо е најстариот пациент, кој бил излекуван од Ковид 19 во Македонија, потврдија од Институтот за јавно здравје за „Фокус“.
Во последниот нивни извештај се наведува дека возраста на заболените се движи од 0 до 101 година.
„Најголем број на заболени се на возраст над 60 години и тоа 53.500, додека највисок специфичен морбидет се регистрира кај возрасната група од 50 до 59 години. Најнизок специфичен морбидитет од 2.045 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0 до 9 години, каде досега се пријавени 4.476“, се наведува во последниот извештај на ИЈЗ.
Исто така, во Специјалната болница за Геријатрија „Сју Рајдер“ во моментот има хоспитализирано две пациентки од 90 години кои се заразени од Ковид 19.
„Кај нас во моментот на лекување се вкупно 16 пациенти од ковид 19, но двете најстари ни се по 90 години. Тие се добри, немаат некои посебни здравствени проблеми“, вели во изјава за „Фокус“, директорката Салија Љатиф Петрушовска.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 209.971, бројот на оздравени пациенти е 194.346, на починати е 7.354, а бројот на активни случаи изнесува 8.271.
И.М.