Најсложената операција во целокупниот овој систем ќе биде реформа на менталитетот во СДСМ, вели новиот партиски лидер Венко Филипче. Според него во партијата има една генерално лоша внатрешна комуникација помеѓу луѓето и една таборизација. Затоа тој предлага многу почести средби на раководството со членството низ општинските организации.
-Сметам дека со овој пристап во којшто многу често ќе бидеме на терен, ќе разговараме со сите и сите, или што повеќе луѓе ќе бидат вклучени во градењето на политиките, ние партијата ќе ја трансформираме во една ефикасна организација, којашто ќе носи политики во интерес на сите, рече Филипче во Топ тема на Телма.
За обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен, Филипче смета дека е навреда за членовите некој да смета дека некој може да им влијае на тоа како ќе гласаат.
-Впрочем сите противкандидати загубија и во своите матични општински организации. И јас ја разбирам таа ситуација, знам дека се и емоции во прашање, беше кампања, избори, имаат луѓето различни очекувања. Јас сум човек кој има многу широк демократски капацитет, подготвен сум да трпам критики, да под влијание на критики и други мислења ги моделирам моите политики и моите мислења, да направам една широка платформа, рече Филипче.
За блискоста со поранешниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев, Филипче тврди дека има автентичен план како да ја води партијата.
-Но, еве да го расчистиме тоа прашање. Јас навистина имам одлични релации со Зоран Заев, меѓутоа имам одлични релации и со сите останати претходни претседатели. Со Димитар Ковачевски, со Радмила Шекеринска.. Сметам дека тие луѓе во еден одреден момент кога ја воделе партијата дале се од себе, дале дел од себе и тоа е за секоја почит, рече Филипче.