Најпрофитните сто компании во Македонија лани имале поголема добивка од инфлацијата: Прва на листата „Џонсон мети“

by Fokus

Стоте најголеми компании во државава по добивка во 2022 година направиле вкупен нето-профит од 719,3 милиони евра, а истите тие во 2021 година имале добивка од 615,7 милиони евра, покажува анализата на порталот „Пари“ во соработка со „БизнисМрежа.мк“. Оттука, минатогодишниот раст на профитот на ланските најпрофитни компании во вкупен износ е дури 16,7 проценти.

Индексот на трошоците за живот во 2022 година, во однос на 2021 година, пак, бележи пораст од 14,2 проценти, а индексот на цените на мало е 12,6 проценти, што значи дека профитот на компаниите е поголем од апсолвираната инфлација.

Како што може да се види од податоците кои ги објави „Пари“, стоте најпрофитни компании во 2022 година имале раст на својот профит за 103,6 милиони евра. Но, тука има и фирми кои во 2021 година воопшто немале добивки, а во 2022 година се нашле во друштвото на најпрофитабилните. Станува збор за „Дура аутомотиве стрекчерс“ ДООЕЛ Илинден, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје, Друштво за снабдување со електрична енергија „ЕВН хоум“ ДОО Скопје, Друштво за производство, трговија и услуги „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш, Друштво за трговија и услуги „Индустри бизнис сервис“ Центар ДООЕЛ Скопје.

На врвот на списокот и понатаму останува „Џонсон мети“, како компанија со најголема добивка, дури 72,7 милиони евра. Истата позиција ја имаше и во 2021 година. Оваа компанија е и најголема во државава, со приход од речиси 2,5 милијарди евра. Но она што може да се забележи е дека иако има раст на приход од 19 проценти, има пад на добивка од 9 проценти.

Всушност, иако вкупната добивка на 100-те најголеми компании по добивка во 2022 година покажува раст на добивката, еден голем дел од компаниите имале намалување на добивките, но затоа имало такви што имале екстремен раст. Односно, компаниите кои директно или индиректно се поврзани со енергетскиот бизнис, каде што имаше огромен скок на цените, имаат и огромен раст на добивките.

Поврзани новости