Во женското одделение во затворот „Идризово“ затекнавме четири жени кои лежат зад решетки заради убиство на своите мажи. Секоја приказна има свој тек, но во едно сите се согласуваат. Сите, со години биле жртви на семејно насилство, па еден ден едноставно биле приморани да одберат, ќе умрат тие или нивните насилни мажи!
Пишува: Валентина Вурмо
Една од нашите соговорнички беше и 67-годишната Шефкие Јакупи, од кичевското село Зајас. Таа веќе 13 години лежи зад решетки поради убиство на нејзиниот маж Абаз. И остануваат уште 7 години.
Таа за „Фокус“ раскажа како по 34-години брак, едно утро, ја зела секирата и го убила сопругот. Откако се уверила дека веќе не дише, го искасапила. Поголемиот дел од остатоците од телото ги спакувала во црна вреќа, кој ја фрлила во контејнер. Поситните делови од телото пак ги фрлила во вц шолја.
Телото на Абаз никогаш не било најдено, бидејќи завршило во дробалката на камионот за ѓубре. Сведоштво за страшниот чин биле само остатоците кои ја запушиле канализацијата, во зградата во германскиот град Диселдорф.
Кога во 2008 година јавноста дозна за ова грозоморно убиство, Шефкие беше нарекувана монструм, касапка…
Денеска, по 13 години, таа, на прв поглед, наликува на кротка и пријатна бабичка.
-Ме тепаше, пиеше, одеше по швалерки… Дури четири пати лежев во болница откако ќе ме претепаше. Трпев, трпев со години, но еден ден веќе не можев, ја почна приказната Шефкие.
Таа како денес се сеќава на кобниот ден кога со свои раце му го одзела животот на својот маж. Според пресудата, таа го убила Абаз додека спиел, но таа негира.
-Беше 18 декември 2007 година. Станав утрото, а тој не ми даваше корка леб. Ме заклучи во собата од 8 до 14.30 часот. Ме тепаше, а во еден момент додека се туркавме , со секира ме исече на раката. Некако успеав да му ја земам секирата и ја забодев во него, вели нашата соговорничка.
Без воздржаност таа раскажа и дека по убиството го искасапила телото, деловите ги собрала во црна вреќа и ги фрлила во контејнер. Додека пак крвата и ситените остатоци ги собрала и ги фрлила во вц шолјата.
-Бев целата во крв, салата го направив, рече Шефкие, правејќи движење со раката, како при сецкање.
И додека се соземав од шокот, а особено од леснотијата со која осуденичката раскажуваше, ја прашав што чувствувала во тој момент?
-Чувствував олеснување, ослободување… Работата беше дојдена до таму што повеќе не можев да го гледам, гласот не можев повеќе да му го слушам, рече Шефкие, со чувство на горчина и омраза.
Вели дека оттогаш, иако е зад решетки, живее без страв.
-Како бебе спијам, без страв, вели таа, но додава и дека копнее повторно да излезе надвор, истакнувајќи дека не сака да умре зад решетки.
Оваа приказна но и приказните на останатите затворенички прочитајте ги во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.