Лидерите на Г7, најголемите светски економии, денеска се согласија за договор за обезбедување на Украина со заеми во вредност од 50 милијарди долари, користејќи камата собрана од замрзнатите руски средства.
Политичкиот договор беше во центарот на првиот ден од годишниот самит на групата во јужна Италија, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски втора година по ред.
Многу лидери на земјите-членки се соочуваат со тешкотии во нивните земји, но тие сакаат да ги променат работите на светската сцена и да одговорат на економските амбиции на Кина.
„Има многу работа, но сигурна сум дека во овие два дена ќе можеме да имаме разговори кои ќе доведат до конкретни и мерливи резултати“, им рече на своите гости италијанската премиерка Џорџа Мелони на почетокот на самитот во луксузното одморалиште во јужната провинција Апулија.
Планот на Г7 за Украина се заснова на повеќегодишен заем со користење на дел од запленетите руски средства од 300 милијарди долари.
Техничките детали ќе бидат финализирани во наредните недели, изјави за Ројтерс дипломатски извор од групата. Изворот кој сакаше да остане анонимен рече дека дополнителни средства ќе пристигнат до крајот на оваа година.
Висок американски функционер изјави дека САД се согласиле сами да обезбедат до 50 милијарди долари, но дека оваа сума може значително да се намали бидејќи учество најавија и други земји.
Целта на договорот беше тој да трае неколку години без разлика кој е на власт во секоја од земјите членки на Г7.
Лидерите, исто така, ја изразија својата загриженост за ситуацијата на израелско-либанската граница и ги поздравија напорите на САД за обезбедување прекин на огнот во Појасот Газа, се вели во нацрт-изјавата што ќе биде објавена по самитот.
Тие, исто така, го повикаа Израел да се воздржи од сеопфатна офанзива врз градот Рафах во јужниот дел на Газа „во согласност со нивните обврски според меѓународното право“.
Западните земји се исто така едногласни во нивната загриженост за прекумерниот кинески индустриски капацитет, за кој тврдат дека ги нарушува глобалните пазари и се согласуваат да им помогнат на африканските земји да развијат сопствена економија, велат дипломатите.