Во Попова Шапка утрово во 7 часот има највисока снежна покривка од 44 сантиметри. Со пет степени под нула, најстудено е во Берово и Струмица, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Маврови Анови има 21 см наврнат снег, девет во Крушево, шест во Ѓуриште, пет сантиметри во Крива Паланка и Пожаране, четири во Тетово, три сантиметри снег се измерени во Скопје – Петровец, два см на мерната станица Скопје – Зајчев Рид и еден сантиметар снежна покривка има во Виница и Куманово.
Шест литри на квадратен метар воден талог во 24 часа се измерени во Охрид, пет во Тетово, четири во Крива Паланка, три во Пожаране и Крушево и еден литар на квадрат во Ѓуриште, Виница и Куманово.
Покрај Струмица и Берово, каде што се измерени -5, минусни температури утрово има и во Скопје-Петровец, и Гевгелија (-4), три степени под нула во Демир Капија, -2 во Скопје – Зајчев Рид, Битола и Штип и -1 степен во Крива Паланка, Тетово, Прилеп, Виница, Куманово и Крушево. Во Дојран се измерени 0 степени, два во Охрид и три степени во Претор.
УХМР соопшти дека во ноќните часови во западните и северните делови започнаа врнежи кои беа претежно од снег, само во југозападните делови имаше повремен дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец.
За денеска најави облачно и студено со повремени врнежи од снег, особено претпладне. Врнежите најдолго ќе се задржат и ќе бидат пообилни во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка, освен во долниот тек на Повардарието.
Поради ниските температури, ќе има појава на голомразица. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер. Кон крајот на денот врнежите ќе престануваат, а во источните делови облачноста ќе се намалува. Максималната температура ќе достигне од -2 до 5 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Кон крајот на денот облачноста ќе се намалува. Максималната температура во главниот град ќе достигне 2 степена.