Три години семејството Василевски од Куманово живее без струја, во крајно лоши услови. Четири деца од кои две се со попреченост, на возраст од шест, девет, десет и тринаесет години живеат покрај свеќа, почесто гладни, отколку сити, а нивниот татко Денис вели дека со сума од 24.000 денари може да им се реши проблемот со електричната енергија.
-Долго трае оваа наша агонија. Плацот на кој што имаме изградено мала куќичка е мој, но бидејќи немав доволно средства да го префрлам на свое име, не можев да приклучам електрична енергија. Сега тој проблем се реши, но за приклучок морам да платам 24.000 денари кои ги немам.
До пред кризата работев во фабрика за производство за лепак, сега сум оставен без работа, со социјална помош од околу 10.000 денари. Тие средства не се доволни ниту за храна и лекарства, а не пак за друго… Во повеќе наврати барам работа во комуналното претпријатие во градот, но одговорот е дека моментално не им требаат работници. Затоа, колку и да е срамота да кажам, принуден сум да просам – вели Денис.
Најмалото дете, ќерката Дијана оди на училиште, во прво одделение. Таа срамежливо вели би сакала да добие нови патики, убава јакна и шарен ранец.
Таткото вели дека е потребна и облека, бидејќи девојчето секој ден посетува настава, јасно му е дека се срами од другарчињата поради старата облека.
Никола пак е четврто одделение и семејството бара начин како тој да ја следи наставата која се одвива онлајн.
-Интернет ми кажаа соседите дека ќе ми дадат, ама проблемот е што немаме таблет или пак телефон на кој би можел да следи настава. Останатите две деца, кои се здравствени проблеми не учат. Тешко е, вака да се бара милост, ама друг излез немам- појаснува Денис.
За Василевски ,,Фокус” пишуваше и минатата година, кога исто така апелираа за финансиска помош, за да можат да добијат електрична енергија. Ни кажаа дека добиле само еден телефонски повик од нашинец кој живее во странство, кој им ветил дека ќе им донесе инвалидска количка кога ќе доаѓа во Македонија. Ниту еден денар велат дека не бил уплатен на нивната сметка, а животот во мрак продолжил за ова семејство.
-Се грееме на гранки, штици, се што ќе најдам. Зима е, не се издржува, децата ми се мачат. Имам добри соседи овде, па се случува еднаш на секои две недели, соседката да ни дозволи да ги однесеме децата кај неа во бањата, да се искапат. Тешко е, најстарото дете ми е со церебрална парализа, десетгодишното пак, не може да зборува. Немаме ништо од бела техника, ниту фрижидер, ниту шпорет, без струја и да ги имаме, што ќе ни се… Еден ден да си без електрична енергија не се функционира нормално, а не пак вака, цели три години, откако се преселивме овде – појаснува кумановецот.
Додава дека свесен е за актуелната криза, но сепак имал надеж дека општествено одговорни компании и хумани граѓани ќе му помогнат, донирајќи кој колку може.
-Барем струјата да се среди, за друго, научени сме со малку. Ако има храна, ќе јадат, ако нема доволно, децата знаат и гладни да легнат. Не прашуваат многу, јасно им е се. Не бараат, скромни се, иако знам дека не им е лесно. Сопругата е постојано со нив, бидејќи на две од нив им е потребна постојана нега, не оди на работа, па целиот товар е на мој грб. Се обратив повеќе пати до институциите во Куманово, добив плочки за купатило како донација, но никако да тргнеме од место – вели тој.
Неговата сопруга пак порача дека се добредојдени било какви донации, во вид на облека, храна, средства за хигиена и мебел.
За помош на ова кумановско семејство може да се донира на следната сметка: Сабина Василевска 200 002545685937 Стопанска банка, со назнака донација.
Број за контакт: 077 854 865
Вики Клинчарова