Најмногу дожд наврна во Прилеп и Берово

by fokus

Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврна во Прилеп и Берово 24 л/м2, во Крушево 18, во Штип 13, во Крива Паланка, Виница и Ѓуриште 12, во Претор осум, на Попова Шапка седум, во Скопје – Зајчев Рид и Пожаране шест, во Маврови Анови и Лазарополе два и во Тетово и Битола еден л/м2.

Во текот на ноќта преовладуваше умерено, наместа значително облачно време со локален слаб до умерен дожд и појава на грмежи. Утрово е сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец, соопштија од УХМР.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и услови за изолирана појава на град.

Максималната температура ќе биде во интервал од 29 до 36 степени. УВ индексот ќе изнесува 7.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Максималната температура ќе достигне 33 степени.

Поврзани новости