Даночните пријави што минале низ системот на Управата за јавни приходи покажуваат дека најмладиот милионер во Македонија во 2021 година имал осум години. Првиот човек на на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денес ги соопшти резултатите од анализата на годишните даночни пријави за 2021 година.
„Во категоријата најмлад и највозрасен милионер, лице што во 2021 година било на 8-годишна возраст остварило доход од 1.020.508 денари по основ на семејна пензија, а лице на 96 години остварило доход во износ од 1,2 милион денари. Кај двете лица најголемиот приход е остварен по основ на пензија“, рече директорката Лукаревска.
На врвот на листата со пријавен годишен бруто-доход од 244,2 милиони денари за 2021 година е граѓанин од Скопје, најголем дел од примања е од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања.
Највисоката годишна бруто-плата во 2021 година е исплатена кај граѓанин од Скопје. Таа е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122, 3 милиони денари.
На листата на највисоко рангирани бруто-плати се најдоа и платите исплатени во производство на метални производи, одгледување свињи, болници, трговија со фармацевтски производи, управувачки дејности, компјутерско програмирање.