Десетици млади луѓе низ Македонија утринава скокаа по крстот кој ќе им донесе благосостојба и здравје како и на нивните фамилии и во рамки на долгата православна традиција на чествување на празникот Водици.
Најмладиот од скокачите е 13-годишниот Мартин Ристески од Прилеп на кој за првпат му се исполнила желбата да учествува во манифестацијата.
По петти пат крстот во рацете на Никола од Битола
Никола Свенчев е најсреќниот скокач во Битола. Тој во водите на храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ го фати крстот меѓу триесетина сограѓани. Крстот во базенот го спушти г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски.
– Шести пат скокам по крстот, а четири пати сум го фатил во светите води. Ова е Господова волја и затоа во моите раце е светиот крст – истакна Свенчев кој првпат на црковната манифестација за Водици учествувал во 2011 година, кога прв пат го фатил крстот, а тоа му успеа и денес.
Очекувам благосостојба, рече Бојковски откако го фати крстот во Куманово
Дваесет и деветгодишниот Никола Бојковски од Куманово го извади Светиот крст од базенот во дворот на Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.
– Очекувам благосостојба, среќа и здравје за сите, изјави Бојковски, кој неколку пати низ годините се обидувал, а сега првпат го фаќа крстот.
Ѓорѓи го најде крстот во реката Луда Мара
Дваесетгодишниот Ѓорѓи Стојков од Кавадарц и го фати Светиот крст во реката Луда Мара на денешниот верски празник Богојавление-Водици. Ова е негов втор обид.– На сите верници им посакувам здравје и среќа. Благослов, бериќет и се најдобро. За многу години, Бог се јави – рече тој.
По третпат крстот во рацете на Кристијан во Кичево
Меѓу 28 скокачи младиот Кристијан Врапчароски повторно, по трет пат го извади крстот во Кичево. Тој не ја сокри својата голема среќа и задоволство и посака здравје, љубови и мир за сите луѓе.