Според најкусите можни рокови потребни се најмалку три и пол месеци за финализирање на трите фази од постапката за измена на Уставот.
Во првата фаза, Собранието, со двотретинско мнозинство треба да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот. Во втората фаза, треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза го опфаќа усвојувањето на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници. Ако постапката се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на трите фази ќе требаат најмалку три и пол месеци.
Уставот на Република Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани. Предлог за пристапување кон измена на Уставот може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани. Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието.
Според Деловникот за работа на Собранието, првата фаза од измените на Уставот, може да трае максимум 20 работни дена. Најмногу десет дена може да се дебатира во Комисијата за уставни прашања и, исто така, максимум десет дена на пленарна седница на Парламентот. Секој пратеник и во рамките на Комисијата и на пленарната седница може да зборува повеќепати, но не вкупно повеќе од 20 минути.
Ако Собранието на пленарна седница со најмалку 80 гласа донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, се преминува кон втората фаза – подготовка и утврдување на нацрт-амандманите. Од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница.
Откако Парламентот со најмалку 61 глас ќе ги утврди нацрт-амандманите, тие одат на јавна дискусија, што е меѓуфаза пред третата завршна етапа од постапката за измена на Уставот. По јавната дискусија, чие времетраење го утврдува Собранието при усвојување на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги изготви предлог-амандманите. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Деловникот предвидува точни рокови за претрес во Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, како и на пленарната седница. Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, а за амандманот на Преамбулата освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.