Во земјава има 1952 цркви и 580 џамии, а најмалку педесетина цркви и десетина џамии се во изградба или обнова. Ова значи дека на 831 жител во Македонија доаѓа по една црква или џамија, открива истражувањето на „Призма“.
„Според резултатите од анкетата за религиозниот договор во Македонија, што минатата година ја спроведе фондацијата „Конрад аденауер“, мнозинство од 74,2 проценти од анкетираните граѓани од православна вероисповед сметаат дека во земјава има доволно цркви, а 20,4 проценти сметаат дека ги има дури и премногу. И 44,6 проценти од анкетираните муслимани мислат дека има доволно џамии, а 43,1 дека има премногу. Во двете најголеми верски заедници во државата, Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА) и Исламска верска заедница (ИВЗ), сметаат спротивно – дека бројот на верските објекти не ги задоволува реалните потреби на граѓаните. Тие меѓусебно се обвинуваат за агресивниот настап и за непочитување на законите при изградбата на верските објекти“, пишува Призма.
Притоа, според „Призма“, МПЦ ОА ја обвинува ИВЗ дека ги освојува традиционалните етнички простори на православните христијани и дека поради тоа се принудени со масовното поставување на крстови, параклиси, цркви и црквички да го бранат својот етнички простор од „агресивниот настап на муслиманите“.
Целата анализа “Македонија распната помегу крстот и полумесечината“ прочитајте ја на следниот линк.