Најмалку двајца мртви и многу уништени домови во налетот на ураганот Милтон

by Fokus

Ураганот Милтон помина низ централна Флорида откако удри во нејзиниот западен брег утрово, при што беше проследен со смртоносни торнада, уништи домови и остави без струја повеќе од 2,8 милиони потрошувачи.

Бурата стигна до брегот на Флорида како ураган од трета категорија со максимални одржливи ветрови од 195 километри на час, објави Националниот центар за урагани на САД.

Утрово, ветровите се уште имале опасна брзина од 150 километри на час, со што Милтон стана ураган од прва категорија, со поројни дождови и наплив на уништувачки бури. Тој поминал 75 километри од Кејп Канаверал, од каде што НАСА лансира ракети во вселената.

Окото на ураганот ја погоди Флорида кај Сиеста Ки, град со 5.400 жители, оддалечен 100 километри од милионскиот град Тампа Беј. Метеоролозите кажаа дека нивото на морето би можело да порасне до четири метри.

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, изјави дека Милтон создал 19 торнада, при што биле уништени 125 домови. Досега е познато за два смртни случаја.

Милтон се најавуваше како потенцијално најуништувачкиот ураган кој го погодил крајбрежјето на Флорида откако за помалку од 24 часа преминал од категорија 1 во категорија 5, носејќи максимално одржливи ветрови од 260 километри на час.

Поврзани новости