Најмалку 63 мртви во пожар во зграда во Јоханесбург

by Fokus

Најмалку 63 луѓе загинаа во пожар во станбена зграда во Јоханесбург, најголемиот град во Јужна Африка. Портпаролот на итните служби Роберт Мулауџи изјави дека уште 43 луѓе се повредени во пожарот кој избувнал во раните утрински часови. Тој предупреди дека бројот на жртвите би можел да расте.

„Во тек е голема потрага и спасувачка операција, а пожарникарите се движат низ зградата. Досега се извлечени 63 тела, но уште луѓе би можеле да бидат заглавени внатре“, изјави тој, додавајќи дека меѓу загинатите е најмалку едно дете.

Властите кажаа дека пожарот во најголем дел е изгаснат.

Мулауџи изјави дека петкатната зграда служела како неформално живеалиште за бездомни лица кои се вселувале внатре на своја рака.

„Поради тоа, потрагата се одвива тешко. Околу 200 луѓе можеби живееле во зградата“, кажа Мулауџи.

Фото: АФП

Поврзани новости