Најмалку 300 луѓе загинаа во израелски воздушен напад врз болница во Газа

by Fokus

Се стравува дека најмалку 300 луѓе загинале во воздушен напад на израелските сили врз болница во Газа, соопштија палестинските власти, додека водата и храната се при крај во областа.

Претходно беше објавено дека најмалку шест лица се убиени во напад на училиште под покровителство на Обединетите нации во центарот на Газа каде засолниште побарале околу 4.000 Палестинци.

„Ниту едно место во Газа веќе не е безбедно, дури ни просториите на мисијата на Обединетите нации“, рече Филипе Лазарини, висок функционер во мисијата на ОН во Газа.

Израелската армија тврди дека не цели цивили и предупредува дека „кога го гледаме Хамас како мета, тргнуваме по него“.

Нападот се случува еден ден пред најавената посета на американскиот претседател Џо Бајден на Израел, за време на која тој ќе разговара за начините за „намалување на бројот на цивилни жртви“.

Најмалку 600.000 Палестинци побегнаа од север во јужниот дел на Појасот Газа, каде ситуацијата се влошува – луѓето спијат на улиците, стојат во редици за леб, а водата станува се поретка.

Во Кан Јунис, град на југот на Појасот Газа, едно семејство изјави за Би-Би-Си дека во моментот во нивната куќа живеат 90 луѓе, а новинарите на Би-би-си известуваат дека на пациентите во болниците им се даваат 300 милилитри вода дневно.

Израел претходно ги повика луѓето во северниот дел на Газа да се преселат на југ, по најавената копнена инвазија која сè уште не се случила.

Претходно го блокираше снабдувањето со храна, вода, гориво и електрична енергија за Појасот Газа, но Израел негира дека има хуманитарна криза, иако Светската здравствена организација соопшти дека и треба итен пристап до Газа бидејќи резервите со медицински материјали се при крај.

Во последниот конфликт меѓу Израел и Хамас, повеќе од 4.000 луѓе ги загубија животите од двете страни.

Поврзани новости