Најмалку 26 лица загинаа по невообичаено силен дожд и грмотевици што предизвикаа хаос во Пакистан, соопштија денеска локалните власти.
Поголемиот дел од смртните случаи се пријавени во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва, каде што најмалку 21 лице, вклучувајќи жени и деца, загинаа во инциденти поврзани со дождот во последните 48 часа.
Уште пет лица, меѓу кои една жена и три деца, загинале во југозападната провинција Балучистан.
Според провинциските власти за управување со катастрофи во двете провинции, повеќе од 50 луѓе, вклучувајќи жени и деца, се повредени при уривање на покриви и ѕидови.
Претходно оваа недела, околу 10.000 луѓе од крајбрежниот град Гвадар во југозападниот дел на земјата беа евакуирани од страна на спасувачите откако обилните врнежи ја потопија областа.
Во мисијата за евакуација се вклучени војската, спасувачките агенции и паравоените трупи.
Климатските промени се сметаат за одговорни за ненавремениот и невообичаено обилен дожд на крајот на февруари.
Според Обединетите нации, Пакистан е меѓу 10-те најранливи земји на климатските промени, и покрај речиси нула придонесот на јужноазиската држава во глобалните емисии на јаглерод.
Во рекордните поплави во 2022 година загинаа повеќе од 1.800 луѓе кога најмалку четвртина од земјата беше потопена од вода што течеше од Хималаите по обилните дождови.