Најмалку 25 милиони тони житарки чекаат извоз од Украина

by Fokus

Речиси 25 милиони тони житарки чекаат да бидат извезени од Украина поради инфраструктурните предизвици и блокадата на пристаништата на Црното Море, вклучително и Мариупол, изјави денеска претставник на Агенцијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).

Блокадата, според многумина, е една од причините за високите цени на храната кои достигнаа рекордно високо ниво во март, поттикнати од руската инвазија врз Украина, за малку да паднат во април, соопшти ФАО.

Украина беше четврти најголем извозник на пченка во светот во сезоната 2020/2021 и шести извозник на пченица, според Меѓународниот совет за житарки.

– Во Украина во моментов сме сведоци на речиси гротескна ситуација во која речиси 25 милиони тони житарки што можат да се извезат, не можат да ја напуштат земјата поради недостиг на инфраструктура и блокада на пристаништата, изјави заменик – директорот за пазар и трговија на ФАО, Јозеф Шмидхубер.

Полните силоси може да значат недостиг на простор за складирање за време на следната жетва во јули и август, предупреди Шмидхубер.

– И покрај војната, условите за жетва не се толку лоши. Ова всушност може да значи дека Украина нема доволно капацитет за складирање, особено ако не се отвори коридор за извоз на пченица, нагласи претставникот на ФАО.

Загрижувачки се и информациите дека во борбите се уништени некои магацини, додаде Шмидхубер, без да наведе детали.

Од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари, Украина беше принудена да извезува житарки со воз преку западната граница или преку малите речни пристаништа на Дунав наместо по море.

Претходно оваа недела, претседателката на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, рече дека е „сериозно загрижена“ поради зголемувањето на цените на храната, додавајќи дека работи со партнерите за да се најдат решенија за проблемот.

– Навистина би му помогнало на светот ако можеме да ги извеземе овие житарки од Украина, нагласи лидерката на СТО.

Поврзани новости