Според најновите информации од полицијата во германскиот град Волкмарсен, меѓу 52-та повредени во вчерашниот инцидент кога автомобил влета во луѓето кои учествуваа во карневалска поворка, дури 18 се деца, јавија германските медиуми.
Портпаролот на полицијата изјави дека некои од настраданите лица имаат здобиено повреди опасни по животот.
Полицијата претпоставува дека станува збор за напад, но засега нема индиции дека нападот бил политички мотивиран. Уапсен е 29-годишниот возач на автомобилот . Станува збор за германски државјанин од Волкмарсен кој од порано бил познат по навредувања, неовластено влегување на туѓи имоти и изнуда.
Канцеларијата на Главниот државен обвинител во Франкфурт ја презеде истрагата која се води како обид за убиства.
Вчера попладне беше приведено уште едно лице кое наводно го снимило овој убиствен поход. Засега не е познато дали ова лице е осомничено или е сведок.
Сведоци за германскиот весник „Болд“ изјавија дека не местото на инцидентот имало бесни луѓе кои сакале да го фатат напаѓачот, како и дека полицијата успеала да го заштити. Според сведоците, пред нападот тој намерно ја зголемил брзината на движење на „Мерцедесот“ и удрил во толпата луѓе.