Најмалку 17 загинати во ракетен напад во Одеса

by fokus

Најмалку 17 лица загинале, а десетици други се повредени во руски ракетен напад врз станбена зграда и рекреативен центар во јужниот крајбрежен регион Одеса во текот на ноќта. Нападот доаѓа еден ден откако украинските сили се пофалија дека повторно го освоиле стратешкиот Змиски остров во близина на Одеса.

Украинската државна служба за итни случаи соопшти дека седум лица, меѓу кои три деца, се спасени од урнатините.

Сликите направени во раните утрински часови покажуваат спасувачи на место на настанот и како тлее фасадата на деветкатната станбена зграда. При нападот на зградата загинале 14 лица, а 30 се повредени.

„На 1 јули, околу 01:00 часот, во градот Билхород-Днистровски округ, како резултат на ракетен напад делумно е уништена деветкатна станбена зграда, по што дошло до пожар во продавница до зградата со површина од околу 20 метри квадратни“, се вели во извештајот.

Регионалната воена управа на Одеса соопшти дека втората ракета погодила рекреативен центар во истиот округ, при што загинале најмалку три лица, меѓу кои и едно дете, а уште неколку биле повредени.

Се наведува дека руските стратешки авиони го извршиле нападот од правец на Црното Море.

Нападите во областа Одеса доаѓаат во време кога руските сили се фокусирани на „огромно“ бомбардирање, како што велат украинските сили, на Лисичанск, последниот голем град на истокто кој се уште е во рацете на Украина. Руските сили вршат напади и во регионот Дњепропетровск.

Поврзани новости