Властите на Хамас утринава соопштија дека најмалку 140 лица загинале за време на уште една ноќ во израелските воздушни напади врз Појасот Газа.
Палестинската исламска организација објави и дека „стотици луѓе се ранети“ и дека се „уништени десетици куќи“.
Повеќе од 5.000 луѓе, меѓу кои и повеќе од 2.000 деца, се убиени во Газа од почетокот на војната на 7 октомври.
Најмалку 1.400 луѓе беа убиени во Израел, главно во првичниот напад на „Хамас“, а повеќе од 200 беа заробени и однесени во Газа каде што се држени како заложници.
Досега се ослободени четири заробени жени, прво две Американки, а синоќа две Израелки.
Израелските одбранбени сили (ИД) изминатиот ден нападнаа околу 400 цели на Хамас во Појасот Газа и убиле неколку команданти и оперативци на исламската екстремистичка организација, јавија утринава израелските медиуми.
Во военото соопштение се вели дека израелските напади биле фокусирани на теренот од каде Хамас врши напади, вклучително и неколку џамии и оперативци кои се подготвувале да истрелаат ракети кон Израел.
ИД соопшти дека биле погодени влезот во тунелот на Хамас на брегот на Средоземното Море и командните центри.
Во неодамнешните напади беа убиени неколку офицери на Хамас, меѓу кои и замениците команданти на баталјоните Нусејрат, Шати и Фуркан, се вели во соопштението.
Израелските воздушни напади се засилија во последните денови врз малата енклава од 362 квадратни километри со 2,4 милиони жители.
Појасот Газа е под израелска блокада од 9 октомври и жителите се соочуваат со недостиг од храна, вода и електрична енергија, јавува агенцијата Франс прес.
Израелската армија ја напаѓа и инфраструктурата на сојузникот на Хамас, Исламскиот џихад.И двете од овие организации се сметаат за терористички од САД, ЕУ и Израел.
Израелската армија продолжува да се подготвува за копнена офанзива и собира трупи во Појасот Газа и повремено напаѓа на палестинската територија во потрага по заложници земени од екстремистите.