Во рускиот напад врз украинскиот град Запорожје загинаа 13 лица, а 109 беа повредени, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров.
„Тринаесет мртви, 109 ранети – ова се последиците од вчерашниот непријателски напад на Запорожје“, напиша тој на својот канал на Телеграм, пренесува Укринформ. Четири лица се во тешка состојба.
Федоров предупреди на заканата од ракети и наведувани проектили неколку минути пред нападот.
„Руските трупи почнаа да лансираат ракети кон Запорожје вчера попладне, а најмалку две погодија станбени згради во градот“, истакна Федоров.
Русите често извршуваа воздушни напади врз цивилни области за време на речиси тригодишната војна, во кои загинаа илјадници цивили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека земјите кои сакаат да ја прекинат војната во Украина треба да му понудат на Киев гаранции за идната одбрана на земјата, пренесе АФП.
Претставниците на Киев стравуваат дека каков било прекин на огнот или мировен договор само ќе му даде на Кремљ време дополнително да се вооружи и повторно да изврши инвазија, освен ако не биде одвратен со воена сила.
„Да бидам искрен, верувам дека имаме право да бараме сериозни безбедносни гаранции од земјите чија цел е мир во светот“, смета Зеленски.