Компанијата која го склучила најголемиот договор за зимско одржување на патишта оваа сезона, нема ниту еден вработен, сменила неколку сопственици и бележи драстични промени во финансиското работење, така што една од последните години ја завршила со нула денари годишен обрт.
Станува збор за друштвото „Лугос ЛЦ“, кое, според Бирото за јавни набавки, склучило договор со Јавното претпријатие „Македонија пат“ за набавка на индустриска сол во вредност од 2,3 милиони евра. Поточно, станува збор за рамковна спогодба во времетраење од 2 години, во чии рамки ќе се склучуваат посебни договори.
Историјатот на оваа компанија открива дека таа е формирана кон крајот на 2020 година (23.9.2020), со седиште во скопски Карпош. Прв сопственик и управител на ова друштво за „неспецијализирана трговија на големо“ била Љупка Цикарска од Струмица.
Таа се јавува како сопственик на „Лугос ЛЦ“ до февруари 2022 година, кога нов сопственик на фирмата станува косовскиот државјанин Ментор Буши, кој е газда на компанијата во следните 2 години, бидејќи на почетокот на оваа 2024 година таа преминува во сопственост на битолчанецот Африм Јусуфи.
Иако по официјален пат се обративме до друштвото и до Јусуфи, сепак, не добивме одговор на прашањата за причините и условите при промените во сопственичката стурктура, ниту за тендерите и договорите за јавна набавка.
Официјалните податоци говорат дека „Лугос ЛЦ“ го добила највредниот тендер за набавка на индустриска сол во вредност од 2,3 милиони евра кон крајот на ланската година (28.10.2024 година), кога веќе сопственик е Јусуфи.
Се работи за тендер спроведен по оглас објавен во август 2024 година, или еден месец откако новата влада му препорача на УО за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта од должноста директор да го разреши Костадин Ацевски (кадар на СДСМ), а за в.д. директор да го избере Нуредин Фетаи (кадар на ВЛЕН).
Во тендерската документација, меѓу другото, се барало заинтересираните економски оператори да имаат остварено минимален приход од вкупно 120.000.000 денари (без ДДВ) во последните 3 финансиски години, вклучувајќи минимален приход од вкупно 60.000.000 денари (без ДДВ) во последните 3 финансиски години во дејноста поврзана со предметот на јавна набавка.
Зошто е важно ова да се наведе? Ако се погледат финансиските извештаи на избраниот економски оператор „Лугос ЛЦ“, евидентни се драстични промени. Така, компанијата во 2021 година остварила приходи од 163.183.101 денари, од кои како добивка останале повеќе од половина, односно дури 95.492.335 денари.
Веќе следната 2022 година, кога фирмата преминува во сопственост од Цикарска кон Буши, таа ја завршува со приходи од нула денари, што значи дека немала никаква деловна активност. Во следната 2023 година, пак, друштвото имало приходи од 10 милиони денари и миминален профит.
Оттука произлегува дека „Лугос ЛЦ“ се квалификувал да учествува во постапката, т.е. да го исполни условот за вкупни приходи од 120.000.000 денари во последните 3 години, благодарение на приходот од 163 милиони денари во 2021 година, бидејќи во следните 2 години имал приходи од нула, односно 10 милиони денари.
Се уште не е објавена годишната сметка на компанијата за изминатава 2024 година, кога склучи уште неколку договори со „Македонија пат“ за самолеплива фолија за сообраќајни знаци и транспарентен филм, во вкупна вредност од над 5 милиони денари.
Во секој случај, далеку поголем е двегодишниот договор, односно спогодба за индустриска сол во вредност од 141 милиони денари. Она што е интересно, „Македонија пат“ претходно во 2022 година склучила, исто така двегодишен договор за истата намена со „Димакс Русници“ во вредност од 212 милиони денари.
Но, тогаш условот за квалификување подразбирал минимален годишен приход од најмалку 60 милиони денари во последните 3 години. Притоа, тоа не се барало кумулативно, туку за секоја година посебно, што значи дека ако истиот услов бил и сега „Лугос ЛЦ“ ќе бил дисквалификуван во фаза на евалуација.
Инаку, договорот на „Лугос ЛЦ“ и ЈП „Македонија пат“ за индустриска сол се најде и во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кое покажа дека за справување со снегот и мразот по патиштата и улиците, јавното претпријатие и општините склучиле договори во вредност од 3,5 милиони евра, претежно во постапки без конкуренција.
Освен за индустриска сол, „Македонија пат“ склучило 2 договори за набавка на ризла за зимско одржување на патишта во реоните на Скопје и Битола. Еден од нив е склучен на 17.10.2024 година со компанијата „Сопот“ во вредност од 7,9 милиони денари, а на 11.12.2024 година е склучен договор за истата намена и со „Винер Сервис“ во износ од 8,2 милиони денари.
И двата договори за ризла за териториите на Скопје и Битола се склучени во рамки на делливи набавки, при што постапките за неколку од посебните делови или т.н. лота, кои се однесуваа на териториите на подружници Автопат, Велес и Штип, биле поништени.
Образложението гласело дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“ или пак дека „понудувачите понудиле цени и услови за извршување на договорот за јавна набавка кои се понеповолни од реалните на пазарот“.
Последниот број на неделникот „Фокус“ ги обработуваше тендерите поврзани со зимско одржување на патишта, за што еден од договорите е склучен со новоформирана фирма, која преку ноќ почнала да добива тендери.
Нова компанија добила десетици тендери од ЈП „Македонија пат“ вредни 40 милиони денари!
Влатко СТОЈАНОВСКИ