Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка група во Европскиот парламент, ја поддржа актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзината кандидатура за втор мандат на чело на таа институција, изјави претседателот на ЕПП Манфред Вебер.
– ЕПП ја поддржува кандидатурата на Урсула фон дер Лајен за водечки кандидат на партијата ЕПП – рече Вебер и посочи дека партијата е горда што таа е нивниот единствен предложен кандидат.
Тој посочи дека кандидатурата на Фон дер Лајен покрај германската Христијанско-демократска унија ја поддржале и партијата Граѓанска платформа на полскиот премиер Доналд Туск и Нова демократија на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Вебер рече дека Фон дер Лајен има и негова лична поддршка и изјави дека ЕУ била во добри раце во изминатите пет години од мандатот на Фон дер Лајен и затоа е логично за ЕПП таа да биде кандидат на партијата за претседател на ЕК.
Тој нагласи дека нивната кампања ќе се фокусира првенствено на достигнувањата, при што, како што истакна, ЕПП и Фон Дер Лајен ја „држеле заедно Европа“ за време на, како што наведе, меѓу другото, корона вирусот и војната во Украина.
– Ја водевме ЕУ во вистинската насока. Со овие достигнувања, можеме да спроведеме кампања заснована на довербата дека имаме искуство во управувањето со кризи, дека Урсула фон дер Лајен води на добар начин. Сега живееме во свет полн со неизвесност и затоа главната порака на ЕПП е дека сакаме да гарантираме стабилност во Европа и безбедност во Европа. Двете големи пораки што ги имаме пред нас се безбедност и просперитет – нагласи Вебер.