На парламентарните избори во Франција до 17 часот излегле 59,39 отсто од гласачите, што е највисока излезност во првиот круг од 1978 година, кога одѕивот бил 68 отсто, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Ова претставува значително зголемување во однос на 2022 година, кога излегле 39,42 отсто од гласачите во исто време.
Според проценките на институтот за испитување на јавното мислење Елаба, излезноста до 20 часот би можела да биде 69,5 отсто.
Во првиот круг од парламентарните избори во 2022 година гласале 47,51 отсто од гласачите, а најголема излезност во првиот круг имала во 1981 година (70,9 отсто).
Во Франција денеска се одржува првиот круг од вонредните парламентарни избори на кои повеќе од 49 милиони гласачи ќе изберат 577 пратеници во Националното собрание.
Изборите, кои би можеле да ја доведат екстремната десница на власт за првпат по Втората светска војна, ги свика францускиот претседател Емануел Макрон по убедливата победа на десничарската партија Национален собир (РН) над неговата центристичка алијанса на изборите во Европскиот парламент на 9 јуни.