-Веќе долго време не сме имале толку многу црвени непријателски цели на нашите монитори – изјави портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат.
Според украинските воздухопловни сили, против земјата биле употребени 158 ракети и борбени дронови.
Украинскиот врховен командант Валериј Залужни зборуваше за 122 проектили и крстаречки ракети, како и за 36 беспилотни летала. ПВО успеала да пресретне над 70 отсто од нив.
Нападот се случи во неколку бранови од различни насоки и со употреба на стратешки бомбардери.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Русија лансирала околу 110 проектили, од кои голем дел биле соборени, но оние кои ја погодиле целта предизвикале големи материјални штети во цивилниот сектор.
Според официјалните информации од Киев, најмалку дванаесет лица загинале во невидените руски напади врз Украина. Бројот на повредени се проценува на 75, објавија украинските медиуми.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили, Ихнат, изјави дека Русија „јасно нападнала со сè што има“.
Тој тврдеше дека Русија користела хиперсонични, крстаречки и балистички ракети, вклучувајќи го и типот Кс-22, кои се исклучително тешки за пресретнување.