Амбасадата на Република Косово во Берлин соопшти дека, според податоците кои ги објави Институтот „Роберт Кох“, најголемиот број од заразените со Ковид-19, кои влегуваат во Германија се лица кои се враќаат од Косово.
Во објава на својата страница на Фејсбук, косовското дипломатско претставништво во Германија ги повикува косовските граѓани, кои се со престој во таа земја, а ги поминуваат годишните одмори во татковината, да ги почитуваат препораките на Националниот институт за јавно здравство на Косово за држење дистанца, носење маски и одржување на хигиената.
– Ве молиме, штом се вратите во Германија од одмор, да ги следите упатствата на сојузното Министерство за здравство за тестирање на аеродромите, а доколку патувате со автомобил или автобус, да се обратите на здравствените служби во вашата област и да се тестирате, се наведува во објавата.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во Косово во последно време се забележува пораст на бројот на заразени од новиот коронавирус. Дневно се регистрираат по околу 200 случаи, а според последните официјални податоци, објавени вчера, во земјата моментно има над 3.300 активни носители на вирусот.