Доколку разговарате со претставници на голем број членки на ЕУ тие во неформални разговори ќе ви кажат дека најголемата блокада која што Македонија си ја поставува на самата себеси е недостатокот од реформи, распространетата корупција на секое поле која што евидентно беше нотирана во најнегативниот извештај кој што Европската комисија го има дадено за Македонија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју на Алсат телевизија запрашан за тоа дали партијата се гледа како блокатор на европската иднина на Македонија.
Додаде дека секојдневно гледаме неиспорачување на клучните реформи насочени кон владеење на правото, борба против корупцијата, реформа во правосудството.
„Македонија да беше успешна земја, да чекореше напред, позитивно кон патот на реформите, верувам дека немаше да дојдеме ни до ваква ситуација. Ние велиме дека треба на достоинствен начин, македонските национални интереси да бидат заштитени, да Македонија да чекори напред кон евроинтегративниот процес, но притоа, на никој начин да не биде оштетен националниот идентитет на Македонците кои што живеат во државава“, рече Муцунски.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има план и концепт како да го реализира членството во Европската унија, а истовремено да го заштити националното достоинство на Македонците.