Шорцеви за капење биле пронајдени вчера, на плажата кај Катерини, слични на оние што ги носел 31-годишниот Мартин Јовановски, кој исчезна од плажата Мити, кај местото Посиди на Халкидики, пред 13 дена.
На последната фотографија од Мартин, на денот на исчезнувањето 9 јули, тој носи слични шорцеви за капење. Шорцевите ги пронашол граѓанин, кој не ги земал со себе, туку ги фотографирал, и фотографијата ја испратил до спасувачите со порака дека наликува на костимот на 31-годишниот Македонец, по кого се трага 13-тиден.
Како што објави шефот на спасувачката мисија ОФКАТ, Христос Рамос, фотографијата од костим за капење на плажата Катерини ги мобилизираше спасувачите – волонтери и тие веднаш се упатија кон местото, но ништо не се случи што би го подигнало моралот на семејството.
Спасувачите со часови трагале, но не успеале да го лоцираат.
-Човекот ми ја испрати фотографијата со костим за капење меѓу алги, но за жал, само го фотографирал без да го земе. Пристигнавме на самото место и со помош на спасувачкиот тим Пиерија – ДОП, кој ни даде чамец, ја пребаравме областа до делтата Аксиос, но залудно. Но, оваа фотографија беше доволна семејството да верува дека е на Мартин. Кога костимот го виде мајката на Мартин, рече дека личи на тој што го носел нејзиниот син, изјави Рамос за Вориа.
Досегашната потрага по Мартин во која се вклучени освен грчките крајбрежни служби со спасувачи, бродови и дронови, на Халкидики се мобилизирани и македонски граѓани кои доброволно се вклучија во потрагата.
Досега сите потраги се неуспешни, но активни.
Мартин на 9-ти јули со двајца пријатели исчезна во водата на плажата Посиди, кога ги однеле силните струи. Едниот беше извлечен по неколку часа, а другиот пронајден по 20 часа потрага.