Основното јавно обвинителство Гевгелија бара притвор за шестмина осомничени за кражбата на марихуаната која од валандовското село Јосифово заврши во скопско Арачиново. Тие се осомничени дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а првоосомничениот и второосомничениот и за сторено едно кривично дело – Фалсификување исправа. Од шестмината осомничени двајца се приведени, а четворица се недостапни. Оние кои пак ја извршиле кражбата се непознати за полицијата. Од двата тона кои беа украдени, во Арачиново биле најдени 231 килограм.
Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничените по претходен меѓусебен договор, заедно пред пет дена неовластено заради продажба пренесувале и држеле 1948 кг наркотична дрога марихуана. Истиот ден, по полноќ, засега непознати лица ја украле марихуаната, која е сопственост на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги „ХЕРБ Индустри ДОО Струмица“. Со употреба на сила, непознатите лица го нападнале вработениот кој бил ангажиран за обезбедувње на оштетеното правно лице лоцирано на местото викано „Горна маала“ во село Јосифово, Општина Валандово. Го удриле, го врзале со лисици, па го затвориле во една од просториите. Потоа од магацинот ја одзеле и ја натовариле наркотичната дрога во приколка ладилник марка „Smitz“ на која претходно ги извадиле регистарските таблички и на истата ставиле регистарски таблички од друго возило со скопски регистарски ознаки.
Потоа приколката ја предале на првоосомничениот и третоосомничениот кои ја закачиле на влекач ТМВ марка „Даф“ црвена боја, кое возило претходно било купено од осомничените со намера со него да помогнат во вршење на кривичното дело. По купопродажбата на товарното возилото прво и второосомничениот направиле лажна јавна исправа со намера да се употребува како вистинска ставајќи други регистарски таблички кои припаѓаат на друго возило. Осомничените ја прикачиле приколката ладилник со наркотичната дрога и таквите лажни јавни исправи ги употребиле во јавниот и патниот сообраќај како вистинити давајќи ги на непознато лице да ја управува од с.Јосифово до Скопје. Осомничените возилото натоварено со наркотичната дрога го прателе со уште две товарни моторни возила. Сите осомничени заедно се упатиле во објект во Скопје, од каде возилото кое било претходно натоварено со наркотична дрога марихуана го однеле на Кванташки пазар во Скопје од каде го однеле до село Мојанце, општина Арачиново.
Сите осомничени заедно се упатиле во објект во Скопје, од каде возилото кое било претходно натоварено со марихуана го однеле на Кванташки пазар во Скопје па потоа до село Мојанце, општина Арачиново. Таму петтосомничениот зел 231,773 кгр и во периодот од 4 до 7 декември ја држел сокриена заради продажба во пластеник пред семејната куќа во Мојанце.
-Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека двајцата осомничените ќе се дадат во бегство, особено имајќи предвид дека четворица од осомничените во моментов не се достапни на органите на прогонот, како и поради тоа што за сите осомничени постои основан страв дека ќе ги уништат трагите од кривичните дела, ќе влијаат врз соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело, согласно член 165 став 1 точка 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, а во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот суд Гевгелија достави предлог на сите шестмина осомничени да им се определи мерка притвор, велат од Обвинителството.