Професорката, Мирјана Најчевска, ги коментира новите кадровски одлуки кои беа донесени вчера на Централниот одбор на СДСМ, при што за нова министерка за финансии е предложена Нина Ангеловска, основач на Grouper.mk и претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Најчевска го коментира изборот поради недоволното искуство на предложените министри и заменици министри.
За Министерството за финансии вели дека претходниот министер, Драган Тевдовски, бил правиот избор за таа работа, додека за Ангеловска вели:
„Не.
Лошооооо.
Имавме супер министер за финансии кој беше разрешен затоа што не му се допаѓаше на Анѓушев.
Не ни треба дете кое му се допаѓа на Анѓушев.
И многу сум против тоа да се поставуваат деца без никакво искуство со администрација на високи функции во власта.
Ова сум го рекла пред 24 години и го кажувам повторно.
Сите оние за кои ова го кажав пред 24 години само ги потврдија сите мои аргументи“, смета професорката.
Според неа на Министерството за образование му се потребни посериозни кадри.
„Навистина мислите дека учителка по физика треба да биде заменик министер за образование?
Само да прашам.
Мислам во државата која е на дното на образовниот ланец во Европа, сигурни сте дека ова е она што ќе ни даде нов замав, нова перспектива и реформа?
Само да прашам.
И како тоа се разликувате од кадровските решенија на ВМРО-ДПМНЕ?
Само да прашам“, вели Најчевска.
Таа го коментира и изборот Коста Петров да биде нов потпреседател на СДСМ.
„Немањето искуство во балетот беше и мојот најголем адут во мојот прв настап во улогата на белиот лебед. Не знам зошто уште не сум поканета да ја продолжам мојата кариера како балерина. Можеби затоа што сега имам преголемо искуство?“, посочува професорката.