Најчевска за Фокус: „Твоја партија“ е излез од затворениот круг на Курто и Мурто

by Frosina Fakova

Излегување од затворениот круг на стагнација со промоција на преофесионалноста над партиската книшка, нуди новата политичка опција „Твоја партија“. Носител на кандидатска листа во првата изборна единица е професорката, Мирјана Најчевска позната во јавноста по борбата против претходната власт, но и по острите критики против сегашната власт. Во мини – интервју за неделникот „Фокус“ таа вели дека ако граѓаните ја препознаат оваа партија како нова, а не како трета опција, може да освојат шест пратенички места. Но, порачува дека и да не освојат пратеничко место нема да исчезнат од политичката сцена

ФОКУС: „Твоја партија“ е релативно нова партија на политичката сцена. Што им нудите на граѓаните за разлика од другите партии?

НАЈЧЕВСКА: „Твоја партија“ нуди еден сосема нов вид на партија која не е централистички поставена, која е ориентирана кон разновидноста и почитувањето на разликите и пред се кон искористување на новите технологии во комуникацијата со цел поширока и континуирана комуникација со граѓаните и придонес во заштитата на животната средина.

„Твоја“ е демократска  партија  чијашто дејност се базира на комбинирање  на политиките  за општествена промена со политиките за решавање на големите еколошки проблеми во национални и меѓународни рамки, а со цел креирање на праведно, фер и одржливо општетсво.

Сметаме дека со својот интелектуален потенцијал може да провоцираме промена и да поттикнеме излегување од затворениот круг на стагнација со промоција на професионалноста над партиската книшка и правото над политичкиот волунтаризам. Партија која има намера вредностите и принципите кои ги застапува  да ги промовира прво во сопствената структура и сопственото делување.

„Твоја“ е партија влегува на политичката сцена како независна (независна од влијанија на структури кои понатаму би го компромитирале нејзиното делување и кои би го оневозможиле остварувањето на зацртаните цели), без опашки и без долгови кон било кого. Тоа е веќе нешто сосема поинакво во партиското делување во Македонија.

ФОКУС: Кои се Вашите приоритети за менување на животот на граѓаните?

НАЈЧЕВСКА: Спремни сме да се фатиме во костец со моќниците кои ја уништуваат животната средина, со урбаната мафија, со прекршителите на човековите права, со неказнивоста на високите функционери во власта и со разработената мрежа на груевизмот која ја притиска државата.

Државата ја третираме како алатка која служи за задоволување на потребите и интересите на граѓаните што подразбира државен апарат кој се структуира на начин на кој најдобро, наједноставно, најефикасно и најевтино им служи на граѓаните, а екологијата и борбата за здрава животна средина ја третираме како приоритет во кој ќе бидат вложении многу труд и многу средства.

Приоритети на „Твоја партија“ се:

  • намалување на привилегиите на политичарите и фактичка одговорност на високите функционери,
  • професионализација која не води сметка за партиската ориентација
  • реанимација на животната средина
  • образование кое се третира како инвестиција, а не како трошок, и
  • квалитетен живот кој ги надминува параметрите на просто преживување и подразбира максимален достап за секој граѓанин до благодатите на современите технологии, до културните содржини од најразличен вид и можност за практикување различни животни стилови

ФОКУС: Колку пратенички места очекувате да освоите и дали би коалицирале со некоја поголема партија?

НАЈЧЕВСКА: Доколку граѓаните нѐ препознаат како поинаква партија и не трета, туку навистина нова  опција која може да понуди алтернативни решенија и излез од затворениот круг на Курто и Мурто, можеме да сметаме на шест пратенички места.

Доколку не се созреани условите за појава на нова опција и граѓаните се уште не не препознаваат како таква алтернатива, нема да освоиме ниту едно пратеничко место.

Тоа не значи дека ќе се повлечеме од политичката сцена.

Ние не мислиме да бидеме партија за една употреба туку да се развиваме и постепено да го освојуваме политичкиот простор со идејата дека Македонија навистина може да биде добро место за живеење прокламирана уште од Лигата за демократија предводена од професорот Ѓорѓе Марјановиќ во зората на плуралитетот во Македонија.

ФОКУС: Дали изборниот модел и изборниот законик Ви овозможува еднаква положба со другите, поголеми партии?

НАЈЧЕВСКА: Не. Изборниот законик е структуиран на начин кој одговара на двете веќе устоличени политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Постоењето на 6 изборни единици го разбива гласачкото тело и оневозможува гласање за најсоодветни, туку за најизгледни опции, што најчесто значи избор меѓу две зла.

Самиот Донтов модел е исклучително несоодветен и многу интересно е да се спомне дека против овој модел се бунеле уште Македонците здружени во МАНАПО во 1936 година.

Одредбите со кои се регулира финансирањето на политичките партии, нивната изборна кампања и медиумското претставување воспоставуваат отворено монополистичка поставеност на големите партии, отворена злоупотреба на парите на граѓаните во одржувањето на оваа положба и постојано обновување на циклусот на клиентелистичката поставеност на граѓаните кон политичките партии.

Потребно е воспоставување на изборен модел кој ќе биде изграден водејки сметка за плуралитетот на Македонија, малубројноста на населението и потребата од воспоставување на демократските односи кои се уште не се ни на почетокот на своето постоење на овие простори.

Ф.Ф.С.

Целиот текст за тоа кои помали партии имаат поднесено кандидатски листи на овие парламентарни избори, што нудат и колку пратеници очекуваат да освојат прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк

Поврзани новости